Коензимот Q10 може да ги ублажи симптомите на хроничните состојби
Дополнувањето на коензим Q10 во организмот може да ги ублажи симптомите на срцевите заболувања, болестите на бубрезите и дијабетот, покажуваат резултатите од нова студија.
Коензимот Q10 игра централна улога во метаболизмот на сите клетки, а неговиот недостаток е поврзан со патогенезата на голем број нарушувања, истакнуваат научниците. Мозочните, мускулните и бубрежните ткива се особено чувствителни на метаболичките последици од недостаток на ова изопреноидно соединение.
Раното откривање на примарните недостатоци на коензим Q10 е неопходно затоа што пациентите можат да покажат извонредно подобрување на клиничките параметри по земањето на коензим Q10 во форма на додаток во исхраната во раните фази на болеста.
По дефиниција, коензимот Q10 не е витамин бидејќи го произведуваат различни ткива во човечкото тело кои служат за заштита на клеточните мембрани и клеточните структури од оксидативниот стрес предизвикан од слободните радикали.
Коензимот Q10 е исто така вклучен во регенерацијата на витамините Ц и Е и со тоа има улога на посредник во воспалителните процеси, метаболизам на холестеролот и одржување на pH на лизозомите.
Во моментов, дневната потреба за коензим Q10 не е утврдена со сигурност, но се проценува дека е приближно 100mg дневно за здрави лица.
Мала количина на коензим Q10 (приближно 5mg) се внесува преку секојдневната исхрана, при што најголемиот дел од дневните потреби се синтетизира во организмот, главно во бубрезите, срцето, скелетните мускули и црниот дроб.
Во овој труд, истражувачите потенцираат докази кои покажуваат позитивен ефект од земање коензим Q10 во форма на додаток во исхраната врз подобрувањето на одредени хронични состојби.
Тие вклучиле студија во која е утврден пад на бројот на смртни случаи поврзани со кардиоваскуларниот систем за 43% и на смртни случаи од сите причини за 42% кај пациенти кои земале 300mg коензим Q10 дневно во текот на две години, заедно со конвенционалните лекови.
Пациентите со дијабет тип 2 исто така може да имаат корист од земање на коензим Q10, бидејќи пациентите кои земале 200mg коензим Q10 дневно во текот на 3 месеци покажале значително намалување на нивото на гликолизиран хемоглобин (HbA1C).
Вредноста на HbA1C укажува на степенот на управување со дијабетот – пониските вредности укажуваат на подобра контрола на нивото на гликоза во крвта. Во друга студија, луѓето со дијабет тип 2 земале 150mg коензим Q10 дневно и имале значително подобрување во нивото на гликоза во крвта и HbA1C по 3 месеци.