ИсхранаХрана и живот

Наизменично постење или стандардни редукциски диети?

Исхраната со наизменично постење, попозната како intermittent fasting, според резултатите од најголемата студија за испитување на оваа диета – HELENA, во споредба со стандардните редукциски диети не е подобар избор кога станува збор за слабеење.

Овој вид на исхрана, со наизменично постење, се здоби со популарност поради тврдењата дека гарантира сигурно губење на вишокот килограми и промена на метаболизмот, избегнувајќи го ефектот „јо-јо“ на враќање на килограмите. Најпознатите верзии на оваа диета се 16:8 и 5:2. Во верзијата 16:8 се пости, односно не се внесува никаква храна, во текот на 16 часа (овде влегува и периодот на спиење), а потоа се јаде во следните 8 часа. Во верзијата 5:2, се внесува храна без ограничување на калориите 5 дена во неделата, а преостанатите два дена не се јаде ништо во рок од 24 часа.

Едногодишната студија, објавена во списанието American Journal of Clinical Nutrition, опфатила 150 обезни испитаници на возрсаст од 35 до 65 години по случаен избор, кои биле распоредени во три групи. Во првата, испитаниците биле на стандардна редукциска диета, со дневен намален внес на енергија за 20%. Втората група била на диетата 5:2 што на неделно ниво остварувала за 20% понизок енергетски внес. Третата, односно контролната група, добивала балансирана исхрана според препораките на Германското нутриционистичко здружение (DGE), без прескокнување оброци или намалување на калорискиот внес.

Резултатите покажале дека губењето на телесната тежина, висцералното масно ткиво и масното ткиво во пределот на стомакот биле еднакви во групата со исхрана со наизменичното постење и групата на стандардна редукциска диета. Покрај тоа, не биле пронајдени разлики ниту во однос на вредностите на метаболичките параметри и биомаркерите на генетската активност.

Според ова, исхраната со наизменично постење, како начин на слабеење, не е ниту подобар ниту полош избор од стандардната редукциска диета. Научниците нагласуваат дека не е важен методот, туку истрајноста при примената на било кој метод. Исто така велат дека оние кои се на исхрана со наизменично постење мора да имаат балансирани оброци за да ги постигнат здравствените предности на овој начин на исхрана.

Реклама biskviti za deca
Show More
бисквити за бебе

Related Articles

Back to top button