Придобивки од конзумирањето на риба
Рибата е храна која представува извор на хранливи материи за луѓето, како и за многу животни.
Секојдневната потрошувачка на риба игра улога во спречување на срцеви заболувања.
Протеините и мастите се главните макронутриенти на рибите кои ја одредуваат нејзината хранлива вредност. Рибата е храна со одлична хранлива вредност која обезбедува високо квалитетни протеини и разни витамини и минерали како: витамини А и Д, магнезиум и фосфор, полинезаситени омега-3 масни киселини со долг ланец, чии позитивни ефекти врз здравјето се веќе познати.
Омега-3 масните киселини ја намалуваат стапката на миокарден инфаркт и го намалуваат крвниот притисок и нивото на триглицерид во крвта. Познато е дека омега-3 масните киселини кои се наоѓаат во масните риби се важни за растот и развојот на децата и за спречување на коронарна срцева болест.
“Количината на витамини во рибата може да варира во зависност од видот на рибата. Рибата е значаен извор на витамини А и Д и неколку витамини од групата Б. Голем број од храната не содржи во себе значителна количина на витамин Д, поради тоа внесот на оваа збогатена храна не е доволен за развој на детето и потребите на возрасниот човек”
Докосахексаеноичната (DHA) масна киселина е важна за оптимална функција на мозокот и развој на мозокот кај децата, додека еикозапентанска киселина (EPA) помага во подобрување на кардиоваскуларното здравје.
Покрај млекото и млечните производи, рибата и коските од риба се добар извор на калциум, а истражувањата покажуваат дека апсорпцијата на калциум од риба е споредлива со апсорпцијата од обезмастеното млеко. Калциумот е важен минерал за густината на коските, а калциумовите јони играат улога во повеќето метаболички процеси.
Рибата е исто така многу богата со минерали како јод и селен. Мали автохтони видови риби кои се консумираат цели, со глава и коски, можат да бидат одличен извор на многу минерали како јод, селен, цинк, железо, калциум, фосфор и калиум.
Селенот игра улога во функцијата на тироидната жлезда, а ниското ниво на селен може да го зголеми ризикот од миокарден инфаркт и смртност од кардиоваскуларни болести. Докажано е дека ниските нивоа на селен се поврзани со зголемен ризик од карцином и болести на бубрезите.
Железото пак е важна компонента за синтеза на хемоглобин во еритроцитите, што помага во транспортот на кислородот до сите делови на телото. Недостаток на овој минерал може да предизвика анемија и нарушена функција на мозокот, а кај доенчињата предизвикува намалена способност за учење.
Многу видови риби содржат големи количини на витамини А и Д во црниот дроб.
- Витаминот А е важен за нормален раст, формирање на коски и заби, градење на клетки, а исто така го намалуваат ризикот од оштетување на видот и го помагаат процесот на лекување на многу болести на окото.
- Витаминот Д во рибите се наоѓа во форма на витамин Д3 (колекалциферол). Недостаток на витамин Д доведува до рахитис, остеомалација, мала густина на минерали во коските и што доведува до нестабилност и чести падови кај испитаниците.
Недостаток на витамин Д ја влошува остеопенијата, остеопорозата и фрактурите кај возрасните, а исто така е поврзан со дијабетес.Рибата и рибиното масло се храна што природно содржи витамин Д.
Мирјана Димитриевска