м-р д-р Ангела Тасевска: Кој е најважен фактор за здрави заби?
Кој е најважен фактор за здрави заби?
Усната празнина е влезна врата на организмот. За да имаме здрава усна празнина треба да водиме редовна грижа за нејзиното чистење, но паралелно со тоа да водиме грижа и за храната која ја внесуваме. Сето тоа влијае на состојбата на забите и потпорните ткива. При формирање на правилна рутина на грижа за забите треба да обратиме внимание на неколку клучни аспекти.
1.Избор на четка за заби
Изборот на четка за заби не треба да биде случаен . Лоша четка за заби може да ја намали ефикасноста од четкањето па дури да им наштети на забите доколку е многу тврда. Пред се треба да кориситиме четка за заби со меки влакненца(soft, ulstrasoft) . Средно тврдите и тврдите четки не се препорачуваат бидејќи можат да предизвикаат оштетување и повлекување на непцата и ерозии на забите. Влакненцата на четката најдобро е да бидат во иста линија. Најразличните дизајни на главата на четкичката се само привлечни на изглед, а ефикасноста им е помала бидејќи при четкањето ниските влакненца не допираат до површината на забите и површината е помалку исчистена. Исто така важна е и густината на влакненцата. Колку повеќе густи филаменти има главата на четкичката толку подобро е исчистена површината на забот. Тој податок можете да го прочитате на амбалажата на самата четка пред да ја купите и правилно да изберете.
2.Избор на паста за заби
Секојдневно сме соочени со огромен избор на најразлични пасти за заби во секоја дрогерија. Но каква пастата за заби ќе изберете најмалку влијае на добрата хигиена. Вистината е дека неопходно е пастата да е флуорирана. А такви се најголем број од пастите(освен пастите за деца кои не смеат да содржат флуор). Флуорот ја зајакнува структурата на забот и дефинитивно помага при спречување на формирање на кариес. Исто така вредно е да се спомене, дека е доволно да се стави количество на паста колку зрно грашок на четкичката- големи количини на паста нема да допринесат за подобро чистење.
3.Техника на четкање
Правилна техниката на четкање е најважниот предуслов за чисти заби. Многу е по важно како ги четкате забите од колку ги четкате. Широко прифатена е Басовата техника на четкање (Bass technique) при што најголемо внимание се обрнува на гингивалниот дел од забот, односно на спојот помеѓу забот и непцата. Овде има милиметарски простор каде се наталожува плак кој со лоша техника на четкање често останува недочистен, и предизвикаува воспаление на гингивата а подоцна и на коската. Неправилна техника применета има за последица остатоци од плак кои неминовно ќе предизвикаат воспалена гингива, крварење, хиперплазија(зголемување)на интерденталната папила, пародонтопатија…
4.Фрекфенција на четкање
Честотата на четкање на заби е исто така важна, но е индивидуално адаптирана зависно од индивидуалните дневни ангажмани, а исто така и од видот на храната која ја примаме. Забите треба да се мијат најмалку два пати дневно- наутро и навечер. Особено го потенцираме миењето заби навечер бидејќи остатоците од храна во текот на денот се богата храна за бактериите во текот на целата ноќ. Додека спиеме, плунковните жлезди не лачат плунка и нема прирордно самочистење на устата како во текот на денот.
5.Интердентално чистење
Четкањето на забите со четка за заби ги чисти само 50% од површините на забите- надворешната и внатрешната. Забот има уште две сосдни површини кон другите заби кои остануваат неичистени ако не се применуваат додатни средства како интердентален конец или интердентална четкичка. Најголем дел од скриените кариеси и воспалението на потпорните ткива доаѓа токму од овие меѓузабни простори. Затоа е исклучително важно во секојдневната рутинска грижа за забите да се користи забен конец или интердентална четка
м-р д-р Ангела Тасевска