д-р Марија Јованоска: имунитетот е клуч на вашето здравје
Имунитет или имунолошки систем кај човекот претставува збир од посебни клетки, ткива, протеини, органи и жлезди кои имаат задача да го штитат човекот од разни инфективни заболувања или инфекции.
Инфекцијата претставува напад (инвазија) и размножување на микроорганизми кои не припаѓаат во нашиот организам. Оние микроорганизми кои имаат способост да предизвикаат болести се нарекуваат патогени, а тоа најчесто се бактериите, вирусите, габите и паразитите.
Што го намалува имунитетот?
Бројни причинители можат да го ослабат функционирањето на нашиот имун систем: долги и тешки болести, стрес, исцрпеност и хроничен замор, несоодветен начин на исхрана, недоволна физичка активност. Пушењето и други штетни навики исто така влијаат на намалување на имунитетот.
Како да го зајакнеме имунитетот?
За добро функционирање на имунолошкиот систем од голема важност е соодветно внесување на важни елементи во исхраната како: цинк, железо, бакар, селен, витамини A, B, C и E (се наоѓаат во овошјето, зеленчукот, интегралните житарици, ореви, бадеми, лешници и некои семиња).
- Витамин C – ги стимулира клетките на одбрамбениот систем, го поткрепува и го зајакнува имунитетот и има силно антиоксидативно дејство.
- Echinacea – најпознат растителен препарат за поддршка на имнолошкиот систем. Се употребува при склоност кон чести инфекции, како што е настинка.
- Пробиотици – треба да се земаат за време или после зачестена употреба на антибиотици кои ја нарушуваат цревната флора.
- Прополис – содржи голем број на лековити материи кои имаат антоксидативни, антимикробни, противвоспалителни и други лековити својства.
- Матичен млеч – содржи висока концентрација на биолошки активни состојки од природно потекло како што се: аминокиселини, протеини, шеќери, масти, витамини (A, C, D, E, В), хормони.
- Лук – содржи супстанции кои го стимулираат имунитетот, имаат антибиотски својства, антиоксиданси и се препорачува негово земање како храна и/или во форма на различни препарати.
- Алое вера – се смета дека содржи материи кои влијаат на имуниот одговор, но и антиоксиданси и средства што го намалуваат воспалението. Се употребува сам или во комбинација со други состојки во разни форми.
- Антиоксиданси – материи од различно потекло чие основно својство е да ги врзуваат слободните радикали и на тој начин ја подобруваат општата состојба на организмот и неговите одбранбени механизми. Тука спаѓаат голем број витамини, минерали, материи од природно потекло како: состојки на масло од црн дроб на ајкула, семиња, интегрални житарки и друго.
Совети за посилен имунитет
- Спијте доволно и намалете го стресот.
- Земајте пробиотици. Се смета дека пробиотиците ја намалуваат можноста за појава на респираторни и гастроинтестинални инфекции.
- Излезете на сонце. Сончевите зраци го овозможуваат создавањето на Витаминот D во кожата.
- Јадете лук.
- Имајте умерена физичка активност. Телото се одржува во кондиција, што е многу важно за одржување на имунитетот и спречување на многу болести и состојби.
- Дружете се, излегувајте со пријатели, смејте се. Доброто расположение, активното дружење и оптимизмот позитивно влијаат на имунитетот и на општото здравје на поединецот.
д-р Марија Јованоска
ПЗУ ОМНИС