Карцином на желудник: ризик фактори, дијагноза и терапија
Карцином на желудник претставува ширење на малгнизирано епително ткиво во длабочината и по површината на слузницата на желудникот.
Претставува честа малигна болест на гастроинтестинален тракт со мултифакториелна природа. Може да се појави во било кој дел од желудникот и да се прошири и на останатите органи, претежно во хранопроводот (езофагус), белите дробови, лимфните јазли и црниот дроб (хепар). Најчесто оваа болест се јавува на возраст од 40 – 60 години.
Ризик фактори за појава на рак на желудник
Исхраната, работната средина, изложеноста на бактеријата Helicobacter pylori, како и историја за постоење на желудечни чиреви или полипи, се вбројуваат во ризик фактори за настанување на карцином на желудник.
Исхрана
Одредени истражувања покажале дека консумацијата на храна со висока концентрација на сол и нитрати го зголемува ризикот за појава на рак на желудник.
Промена на режимот на исхрана, се покажал како ефективен начин за намалување на ризикот за појава на оваа болест дури кај индивидуи кои живеат во земји со висок ризик. Консумирањето на препорачаните количини на овошје и зеленчук може да го намали ризикот за развој на оваа болест.
Работно место
Висок ризик за развој на рак на желудникот се поврзува и со одредени индустрии. Најдобар пример за тоа е поврзаноста помеѓу ракот на желудникот и лицата кои работат во рудници за јаглен, обработка на дрво, никел или преработка на гума.
Невообичаено голем број на луѓе кои работат во овие индустрии имаат дијагностицирано рак на желудник.
Бактерии
Одередни студии ја идентификувале бактеријата (Helicobacterpylori) која предизвикува стомачни чиреви (инфламација на внатрешната обвивка на желудникот) како ризик фактор.
Хронична инфекција на желудникот со оваа бактерија може да предизвика појава на специфичен вид на канцер (лимфом или МАЛТ-мукозно асоцирано лимфоидно ткиво) во желудникот.
Полипи
Друг ризик фактор претставува развојот на полипи, бенигни израстоци на ванатрешната обвивка на желудникот. Иако полипите се бенигни, некои од нив имаат потенцијал да станат канцерогени.
Крвна група
Лицата со крвна група А исто така, од засега непознати причини, се сметаат како ризични за развој на овој вид на канцер.
Други фактори
Помеѓу другите фактори за кои се претпоставува дека можат да бидат причина за појава на рак на желудник се вбројуваат и претходни оперативни зафати на чир на желудник или други состојби, или пак еден вид на анемија позната како пернициозна анемија.
Генетски фактори
За генетски предиспозиции станува збор доколку во семејството има најмалку 3 случаи на карцином на желудник, од кои најмалку двајца се роднини од прв степен, доколку има заболени од карцином на желудник во најмалку две последователни генерации, доколку еден од заболените во семејството со карцином на желудник има под 50 год.
Стадиуми и симптоми
Ракот на желудникот е бавно растечки карцином. Можно е да поминат повеќе години додека туморот нарасне до доволна големина за да предизвика дистинктивни симптоми. Секој стадиум се карактеризира со различни симптоми :
Фаза 1 (ран стадиум):
- индигестија или жаречка сензација,
- губиток на апетит, особено за месо,
- абдоминална непријатност (дискомфорт) или иритација.
Фаза 2 (среден стадиум):
- слабост и замор,
- дуење на стомакот, особено после оброците.
Фаза 3 (доцен стадиум):
- абдоминална болка во горниот дел од стомакот,
- гадење и понекогаш повраќање,
- дијареа или опстипација,
- губиток на тежина,
- крварење (повраќање на крв или постоење на крв во столицата) – темна крв,мелена (oва може да доведе до анемија),
- дисфагија (отежнато голтање) – овој знак посочува на тумор во кардијата или ширење на желудочниот карцином во хранопроводот.
Ракот на желудник многу често метастазира во соседните органи како што се езофагусот, придружните лимфни јазли, црниот дроб или тенкото и дебелото црево.
Како се дијагностицира?
- Лабораториска анализа за да се провери постоењето на крв во столицата како и за постоење на анемија.
- Рутински скрининг за рак на желудник во случаи каде постои фамилијарна историја за појава на болеста.
- Ендоскопијата со бариум за скен на горниот интестинален тракт.
- Горна гастроинтестинална ендоскопија или ендоскопски ултразвук.
- Форцепс за биопсија може да се протне преку ендоскопката цевка за да се земе ткиво за микроскопска инспекција. Ова е познато како биопсија.
- Компјутеризирана томографија се користи за добивање на дополнителни информации за тоа колкава е големината на туморот и во кои делови на желудникот е раширен; дали е проширен во лимфните јазли; како и дали метастазирал.
- Лапароскопијата е минимално инвазивна оперативна процедура која може да се изведе во амбуланта, за утврдување на точниот стадиум на рак.
Терапија
- Оперативен зафат
- Хемотерапија
- Радијациона терапија
Бидејќи симптомите на ракот на желудник се благи, третманот најчесто отпочнува во напреднатите фази на болеста. Видот на оперативен зафат и начинот на понатамошно лекување најдобро е да го дискутирате со вашиот лекар.
Каква е прогнозата?
Приближно 20% од пациентите со рак на желудник преживуваат барем пет години по поставувањето на дијагнозата.
Пациентите кои се дијагностицирани во поран стадиум од развој на болеста имаат подобра прогноза отколу тие дијагностицирани подоцна.
Најголем дел од луѓето кај кои се дијагностицира овој тумор се на возраст од 60-70 години со што може да се потврди дека и дел од овие пациенти умираат, не од тумор на желудникот, туку од други болести поврзани со возраста.
Како резултат на тоа може да се очекува дека одредени пациенти со рак на желудникот може да имаат подолга стапка на преживување.