ДијабетесПсихологија

Како мојата мајка го прифати мојот живот со дијабетес?

 

Mоето име е Тања Шатановска, имам 27 години и скоро 22 години живеам со дијабетес тип 1.

Во овој пост ќе го преточам искуството на личноста која е една од моите најдобри пријателки и која најмногу ја сакам. Сакам да ја споделам приказната на мојата мајка. Иако никогаш пред мене таа не ги покажа нејзините чувства, нејзината приказна ми помогна да сфатам како таа се чувствувала во тој момент. И, сигурна сум дека оваа приказна ќе допре и ќе ја разберат сите мајки, чии деца имаат дијабетес.
“Сознанието дека моето дете има дијабетес, за секој родител, па и за мене беше голем шок, неверување и чувство дека е само лош сон од кој ќе се разбудам и сѐ ќе помине. Јас лично како мајка тешко ја прифатив новонастаната ситуација. Ми требаше подолго време да сфатам дека тоа е реалност со која може квалитетно да се живее, само ако јас, мојот сопруг и постарата ќерка добро се едуцираме, а со тоа и помогнеме и на Тања нормално да си го продолжи детството. Како родители на почетокот баравме начин, особено јас, како може да го победиме дијабетесот. Баравме доста алтернативни патишта. Мислев дека мора да постои начин да го победиме дијабетесот. Пробувавме со најразлични чаеви, со биоенергија, па дури верував дека чудото ќе се случи во пубертетот и дека сѐ ќе исчезне. Но, морам да кажам дека тоа само негативно влијаеше врз сите нас, особено врз Тања, затоа што секогаш очекувањата кои завршуваа неуспешно повеќе нѐ “фрлаа” во очај.
Кога на Тања и беше дијагностициран дијабетесот, морам да признаам дека првата недела откако од болница се вративме дома, сите јадења ги промашував. Стравот дека ќе и приготвам нешто што ќе и направи проблем, ме “фрлаше” во очај, ама ја фрлав и храната. Но, и тоа се среди со време. Иако, мислев дека веќе нема да можеме да одиме на зимување и на летување, тоа се покажа само како несигурност и страв кој го демантиравме уште истата зима. Бевме на зимување и одлично си поминавме. Потоа следеа годишни одмори, прекрасна дружба со нашите пријатели. Сите беа запознаени со состојбата на Тања и едуцирани како да и помогнат доколку тоа е потребно. На свои 9 години Тања почна сама да си го мери шеќерот и да става инсулин. Се осамостои мала за да оди на ученички екскурзии. Секое нејзино патување ние бевме во “грч” но, таа се покажа како одговорна, а тоа и помогна да созрее побрзо од другите. Нејзините први самостојни патувања низ европските држави, иако за нас беа исполнети со извесна доза на загриженост, за неа беа вистинско освежување. Сега Тања е прекрасна девојка која ја практикува хроно исхраната, зашто тоа одлично и влијае врз гликозата во крвта.”
Кога конечно решивме да престанеме да бараме алтернативни решенија и си продолживме смирено да живееме, Тања имаше подобри вредности при мерењата и беше посреќна.
Мојот совет до сите родители е да ја прифатат состојбата на детето и да не трошат пари во потрага по решенија, кои за жал, за сега не постојат. Возбудата дека некое чудо ќе се случи, го зголемува нивото на гликоза во крвта. Тоа со текот на времето може да предизвика страшни компликации поврзани со дијабетесот. Затоа, подобро е да ја прифатите ситуацијата и да му помогнете на вашето дете да го прифати животот со дијабетес.

Ако сакате да дознаете повеќе за начинот на живот и предизвиците со кои лицата со дијабетес секојдневно се соочуваат, посетете го мојот персонален блог www.diabetesismylife.com/

Реклама biskviti za deca

 

Тања Шатановска

Show More
бисквити за бебе

Related Articles

Back to top button