д-р Т.Поповски: Што преставува хиперхидроза, а што аксиларна хиперхидроза?
Што преставува хиперхидроза, а што аксиларна хиперхидроза?
Хиперхидратозата е состојба која се карактеризира со прекумерна продукција на пот. Може да се јави како локализирана или генералзириана форма.
Додека пак аксиларната хиперхидроза е најчеста локализирана форма и истата се јавува под пазувите.
Дали постои разлика помеѓу физиолошко потење и хиперхидрозата?
Да, постои, потењето е нормален физиолошки процес, важен за терморегулацијата на организмот како и за елиминација на многу токсини. Додека пак кај хиперхидрозата станува збор за патолошки процес кој резултира со прекумерна продукција на пот.
Потта се создава во потните жлезди сместени во подлабокиот дел од кожата (дермисот) и со помош на изводен канал преку мал отвор (пора) се излева на површината на кожата. Нивната инервација се одвива преку вегетативниот нервен систем, на кој свесно не можеме да делуваме. Потта е составена доминантно од вода, минерални соли и мала количина на органски материи. Секретот содржи клеточен материјал кој е разградуван од бактерии, а тој процес на разградба резултира со појава на карактеристичен мирис на пот.
Изразеното потење во топлите месеци не е здравствен проблем, туку претставува непријатност и може да е причина за намалена самодоверба особено во Македонија, како земја со многу сончеви и топли денови. Од друга страна, урбаното живеење придонесува голем дел од населението, особено помладата популација, аксиларното физиолошко потење да го доживува како препрека за извршување на секојдневните активности. Затоа, во летните месеци се советува носење на лесна, памучна и светла облека, разладување на организмот со вода и природни сокови, избегнување на директно изложување на сонце и седење во ладни простории.
Која е најчеста форма?
Хиперхидрозата може да биде примарна (идиопатска) и или секундарна (поврзано со некоја друга болест).
Аксиларната хиперхидроза е најчеста локализирана форма (под пазувите) иако, локализираните форми може да се јават и на дланките, табаните и лицето. Во САД кај околу 5% од популацијата е регистриран овој проблем, а конкретно со изразена аксиларна хиперхидроза се соочува околу 3% од популацијата.
Дали ова заболување има генетска предиспозиција?
Да, се смета дека локализираната форма има генетска предиспозиција. Една од студиите која е направена на 345 пациенти со хиперхидроза покажува дека кај 37% од испитаниците постои фамилијарна појава.
Оваа состојба влијае на секојдневните активности на една индивидуа, а со тоа може да направи и дизбаланс на психичкото здравје. Најчесто овие пациенти може да се соочат со ниска самодоверба како и депресија.
Аксиларната хиперхидроза, како најчеста форма на ова заболување, преставува голем предизвик на пациентите за нејзино контролирање како и на лекарите за нејзино лекување.
Кој е терапискиот пристап?
Тераписките пристапи се различни и може да бидат со локална или системска примена. Терапијата има за цел да го намали интензитетот на потењето, а со тоа да го подобри квалитетот на животот на пациентот. Од интензитето зависи и терапискиот пристап. Кај полесните локализирани форми се советува носење на лесна, светла и памучна облека, ладни простории, користење на антипреспиранти и хидрирање на органзимот. Кај потешките клинички слики терапискиот пристап вклучува локална и во ретки случаи системска терапија.
Локалната терапија ги вбројува антипреспирантите, препарати со соли на алуминиум, топичен фоам (20%) антихолинергици, како и во поново време апликација на ботулински токсин.
Системска терапија вклучува употреба на антихолинергични лекови, алфа адренергични агонисти. Овој тип на терапија мора да се ординира од лекар, заради бројните несакани дејства. Останати тераписки пристапи кој може да најдат примена се јонтофореза, ласер технологија, ултразвучна терапија, фотодинамична терапија, термолиза со микробранови, трансдермални фластери, радиофрекфентна терапија со микроиглички. Хируршки пристап како локална киретажа, екцизија или торакална симпатектомија се тераписки пристап во ретки случаи.
д-р Т.Поповски