д-р Марија Јованоска: Шеќерна болест или дијабет – сѐ што треба да се знае
Дијабетес мелитус или кај народот позната како шеќерна болест, претставува најчеста хронична болест во светот. Како резултат на нездравиот животен стил кој подразбира лоша исхрана, намалена физичка активност, секојдневен стрес, се зголемува и бројот на заболени од дијабетес.
Храната со варењето се разградува во шеќер наречен гликоза. Гликозата патува низ крвта до клетките и тие произведуваат енергија за телото од неа. Инсулин е хормон кој се излачува од панкреасот и е потребен за гликоза да навлезе во клетките. Ако не се произведе доволно инсулин или кога мускулните, масните и црнодробните клетки не реагираат на произведениот инсулин, гликозата не влегува во клетките и нејзиното ниво во крвта се зголемува. Ова нарушување го нарекуваме шеќерна болест или дијабетес.
Кои се симптомите на болеста?
Најчести симптоми и знаци се зачестено мокрење (особено навечер), чувство на силна жед, зголемен апетит, губиток на телесна тежина, изнемоштеност, трнење во прстите на рацете и стапалата, заматен вид итн. Особено е важно да се знае дека голем број заболени (најчесто тип 2 дијабетес) воопшто немаат симптоми и знаци на болеста, а таа се открива кога веќе се јавила некоја компликација, како на пример срцев или мозочен инфаркт.
Колку типа дијабетес постојат?
Постојат повеќе типа дијабет. Најчести се тип 1 (се јавува кај луѓето под 40-годишна возраст), тип 2 (се јавува кај возрасните и луѓе со прекумерна телесна тежина), гестациски дијабетес (се јавува во бременоста) и други специфични типови.
• Дијабетес тип 2
Дијабетес тип 2 е најчестата форма на дијабет. Се јавува кај возрасните и луѓе со прекумерна телесна тежина. Ризикот е особено поголем ако дебелината е особено изразена во пределот на половината и доколку има висок крвен притисок и зголемени маснотии во крвта. Исто така и генетската предиспозиција е важен фактор во зголемување на ризикот од овој тип на дијабет.
Основна причина за појава на дијабет тип 2 е резистенција на организмот на инсулин. На почетокот, дијабетес тип 2 обично успешно се третира со диета, зголемена физичка активност и таблети по потреба. Со текот на годините, секрецијата на инсулин во панкреасот може да биде недоволна, при што е потребен третман со инсулин во подоцнежна фаза.
• Дијабетес тип 1
Дијабетес тип 1 се јавува најчесто кај помладите луѓе, иако може да започне на било која возраст. Кај овој вид дијабетес не се произведува инсулин од панкреасот или неговото произвотство е многу мало.
Причината за развој на дијабет тип 1 сè уште не е позната, но веројатно е комбинација на наследна предиспозиција и фактори на животната средина, како што се вируси и др причинители. Кај овој тип на дијабет третманот е со инсулин уште веднаш по откривањето на болеста.
• Гестациски дијабет (дијабет во бременост)
Гестацискиот дијабетес се карактеризира со високо ниво на гликоза во крвта и се јавува во кој било период од бременоста кај жени кои дотогаш не страдале од дијабетес. Оваа состојба мора да се контролира бидејќи може да влијае врз нормалниот раст и развој на бебето.
• Други специфични типови на дијабет
Понекогаш дијабетесот се јавува како резултат на други болести, како што се воспаление на панкреасот или панкреатитис, нарушувања на надбубрежните жлезди или хипофизата. Дијабетесот е исто така предизвикан од некои ретки генетски нарушувања.
Дијабетесот може да се развие и при земање на одредени лекови, најчесто кортикостероиди.
Дали постои можност за превенција?
Кога зборуваме за дијабетес, превенцијата игра голема улога.
За жал, засега не постои превенција за дијабетес тип 1. Превентивните мерки главно се насочени кон тип 2 дијабетес.
Прво и основно треба да се внимава на исхраната и да се одржува идеалната телесна тежина. Треба да се спроведува балансирана здрава исхрана. Тоа значи да консумираме повеќе зеленчук, овошје и риба, а помалку тестенини, масти и брза храна. Физичката активност треба да биде рутинска работа. Редовнaта физичка активност го подобрува искористувањето на инсулинот од страна на организмот и помага во намалувањето на нивото на шеќер во крвта. Вежбањето, исто така, ги намалува мастите, крвниот притисок и штити од срцеви заболувања. Една од причините за појава на дијабетес е и стресот, па затоа задолжително е да го контролирате и да се потрудите да се ослободите од него. Пушењето тутун треба да го заборавите, а ноќното спиење да биде од 6 до 9 часа.
Редовните превентивни прегледи кај матичен лекар се задолжителни со цел рано откривање и третирање на дијабетесот.
д-р Марија Јованоска
ПЗУ ОМНИС