Асимптоматска остеопороза: тивка опасност од фрактура или деформитет на коските
Остеопороза претставува намалена коскена маса т.е, коските се со нормален состав, но намалено е коскеното тикиво.
Коскената маса се формира во тек на детство и адолесценција, а пикот го достигнува на 25 годишна возраст.
Многу е важно колкава коскена маса ќе се формира до 25 тата година. Тоа зависи од:
- генетски фактори
- исхрана
- физичка активност
- ниво на хормони во детство и адолесценција
Со текот на годините нормално е постепено и минимално губење на коскена маса.
Во нормални услови, коските се во постојан процес на ремоделирање, а тоа значи дека постојано е активен процес на обновување на нормално загубената коскена маса (ресорпција на остеокласти и депонирање на нови остеобласти, коскени клетки).
Меѓутоа, доколку настане дисбаланс на овој процес на ремоделирање настануваат патолошки промени, како што е остеопорозата.
Остеопороза може да настане заради зголемена ресорпција, намалено создавање на коска или комбинација од овие две појави.
Ризик фактори
Генетика, дефицит на хормони (естроген кај жени и тестостерон кај мажи), вишок на гликокортикоиди и тироидни хормони, хиперпаратироидизам, терапија со антиконвулзиви и хепарин, имобилизација, алкохол, пушење, неправилна исхрана, дефицит на витамин Д и калциум, гастроинтестинални заболувања итн.
Остеопорозата може да биде асимптоматска се додека не предизвика фрактура или деформитет на коските.
Најчесто фрактури се јавуваат на ‘рбетен столб, колкови и зглобови на рацете.
Освен фрактури, постепено, можат да се развијат и кифоза и смалување на висината.
Најтешка компликација од оваа болест е фрактура на колк затоа што поради имобилизација може да се формира тромб кој понатаму може да направи запушување на некој крвен сад.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува со квантитативно мерење на коскен дензитет. Според СЗО, дијагноза за остеопороза се поставува доколку коскениот дензитет (густина) има вредност 2,5 стандардни девијации или повеќе под нормалните вредности за здрава, млада индивидуа.
За прогноза на болеста важни се и квалитетот на коските, возраста и физичката состојба односно можноста за паѓање и коморбидитети во однос на мускулна слабост, пореметување на центар за рамнотежа, употреба на седативи и слично.