д-р Т. Поповски : розацеа – црвенило и акни на кожата кај возрасните
Розацеа е хронична, воспалителна состојба. Најчесто ја зафаќа кожата на лицето, но може да се појави и на кожата на вратот, скалпот, ушите и деколтето. Почесто се јавува кај жени по триесеттата година од животот и се карактеризира со црвенило на образите, носот, брадата и челото.
Доколку не се лекува, состојобата може да прогредира со појава на акни ( acne rosacea) и ринофима (деформитет на носот) почесто кај мажите. Знаците и симптомите на оваа болест можат да се појават во период од неколку недели до месеци. Исто така можат да се повлечат и повторно да се појават.
Розацеа на лицето првично може да се појавува само повремено, а подоцна се почесто. Причината за розацеа сѐ уште е во голема мерка непозната, но се смета дека е етиологијата е мултифакториелна.
Одредени фактори можат да ја стимулираат или влошат розацеата поради зголемување на протокот на крв на површината на кожата. Затоа се препорачува да се избегнуваат топла и зачинета храна, топли пијалоци, алкохол, високи температури, сонце, УВ зраци, стрес, топли бањи и сауни.
Побарајте преглед од лекар спец. дерматолог
При првите знаци на розацеа, многу е важно да побарате помош од дерматолог. Испробување креми на своја рака може да доведе до влошување на состојбата.
Третманите вклучуваат комбинација на лекови и препарати како и одредени терапевтски методи кој треба да ги одреди лекар.
Најдоброто што може да го направите за себе додека не дојдете до преглед од дерматолог е да избегнувате козметика која содржи алкохол, да избегнувате сонце, да аплицирате заштитен фактор од сонце SPF 50 и секако да не користите препарати на своја рака.
д-р Т. Поповски