Лесен рецепт за „месо“ од растително потекло кој може да го готвите на безброј начини
Сејтанот, кој го нарекуват и веганско „месо“, најчесто го сретнуваме во готова форма во продавниците, но тој може да биде скап извор на растителни протеини, дури поскап од тофу.
Затоа ние имаме лесен рецепт кој ќе ви помогне да заштедите некој денар и да си направите сејтан по ваш вкус!
СОСТОЈКИ
- 2 лажици соја сос
- 1 шолја вода (повеќе по потреба)
- 300 грама брашно од глутен
- 1 лажичка прашок за пециво
- 2 лажици сув квасец
- 1 до 2 лажици зачини или мешавина од зачини
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА
Во голем сад додадете ја водата и соја сосот, убаво имешајте и додадете го брашното од глутен, прашокот за пециво, сувиот квасец и зачините по желба.
Измешајте ја сместа и доколку е потребно постепено додавајте повеќе вода и зачини.
Откако тестото ќе стане како тесто за леб, ставете го на рамна површина посипана со брашно (може да биде истото брашно од глутен) и месете 2-3 минути, а потоа оставете го тестото 15 минути за да нарасне.
Бидејќи не станува збор за обично пченично брашно, нема да му треба подолго време, како на обично бело брашно.
Во меѓувреме наполнете големо тенџере со вода, додадете зачини по избор (може и една коцка супа) и ставете го на оган за водата да зоврие.
Отакако тестото ќе нарасне, ставете го на рамна површина и исечете го на помали парчиња по желба и ставете ги во зовриената водата.
Бидејќи тестото е лесно, ќе има тенденција да се крева нагоре како да сака да излезе од тенџерето, но вие треба да го буткате надолу со помош на дрвена лажица. По кратко време тоа ќе упие од водата и ќе остане во садот.
По 30 минути извадете ги парчињата и оставете ги да се изладат. Сејтанот може да го користите на многу начини и во многу рецепти како замена за месо. Може да го печете, пржите или пак да го додадете во манџа.
Пробајте го сејтанот за вкус и ако е потребно додадете повеќе зачини, а може и да го маринирате со намирници по избор (наш предлог е сос од сенф и мед).
Доколку прв пат слушате за сејтан или сакате да дознаете нешто повеќе околу него, тоа можете да го направите овде.
А глутенското брашно од оваа рецепта може да го купите овде.