Знаци кои ви ги дава телото кога имате недостаток на витамин Б12
Б12 е есенцијален витамин од витаминското семејство Б комплекс, кој учествува во различни процеси низ целото тело.
Витаминот Б12, познат и како кобаламин е витамин растворлив во вода. Неопходен е за развивање и одржување на здрав нервен систем, создавање на ДНК и формирање на црвени крвни зрнца. За разлика од другите витамини од Б групата кои не можат да бидат складирани во телото и мора да бидат внесувани секојдневно, нашиот организам има способност да складира витамин Б12 во црниот дроб, потребен за повеќе од една година, па недостигот од овој витамин е ретка појава и често се поврзува со сериозни заболувања.
Дневни препорачани дози
Препорачаните дневни дози од овој витамин варираат по возраст и се следниве:
- Новороденчиња (0-6 месеци) – 0,4μg;
- Новороденчиња (7-12 месеци) – 0,5μg;
- Бебиња (1-3 години) – 0,9μg;
- Деца (4-8 години) – 1,2μg;
- Деца (9-13 години) – 1,8μg;
- Адолесценти и возрасни (14 години и нагоре) – 2,4μg;
- Бремени жени – 2,6μg;
- Доилки – 2,8μg.
Знаци кои ви ги дава телото при недостиг на Б12
Поспаност и постојана потреба од уште сон.
На телото му е потребен витамин за да создава црвени крвни зрнца кои што носат кислород до органите. Доколку клетките немаат доволно кислород, вие постојано ќе се чувствувате поспано без оглед колку часа сте спиеле. Слабите мускули се исто така производ на недоволна количина кислород од црвените крвни зрнца.
Промени во расположение
Се претпоставува дека недостатокот на Б12 придонесува кон промени во расположението и води кон раздразливост, но лекарите сè уште не се сигурни зошто недостатокот на овој витамин го зголемува ризикот од депресија. Една можност е дека Б12 е вклучен при синтезата на мозочните хемикалии, како што се серотонин и допамин задолжени за регулирање на расположението
Променет вкус на храна и намалена телесна тежина
Половина од оние кои што патат од голема загуба на Б12 ги губат папилите на јазикот, особено на краевите. Нивното губење придонесува до промена на вкусот на храната, па затоа оние со недостаток на Б12 можат значително да ја намалат телесна тежина бидејќи не го чувствуваат вкусот на храната.
Заборавање
Заборавеноста, особено кај повозрасните пациенти, најчесто се припишува на рана деменција или се смета за почеток на Алцхајмер. Ниското ниво на Б12 често се поистоветува со други здравствени состојби. Затоа е потребно да се направи тест на крвта кој би покажал доколку има недостаток од овој витамин. Симптомите исчезнуваат со земање на суплементи.
Мегалобластна анемија
Настанува поради недостиг на интринзик фактор (гликопротеин кој е потребен за ресорпција на витамин Б12), нутритивни причини (строги вегетаријанци), малапсорпција на витаминот или недостиг на транскобалтамин 2 (транспортер на витамин Б12).
Тоа води до дефицит на витамин Б12 што, како што спомнавме влијае на црвените крвни клетки и резултира со мегалобласна анемија со симптоми на вртоглавица, бледило, малаксаност, тешко дишење итн.
Храна богата со витамин Б12
Храната од животинско потекло е природен извор на витамин Б12, но денес многу продукти, како житарки, се збогатени со овој витамин. За да внесувате доволни количини витамин Б12, се препорачува да консумирате:
- Школки и ракови;
- Риба;
- Јајца;
- Црвено месо (особено црн дроб);
- Месо од живина;
- Млеко и млечни производи.
Ако забележите било која од наведените промени, веднаш побарајте стручна помош од вашиот лекар. Навремена дијагноза и отпочнување со терапија се половина лек.
Ако сте вегани или вегетаријанци, консултирајте се со вашиот матичен лекар околу земањето на сиплементи. Исто така обрнете внимание на растителните млека, тие најчесто се се збогатени со витамин Б12.