Зошто мажите страдаат од еректилна дисфункција
Еректилна дисфункција (ЕД) кај мажите претставува трајна неспособност за постигнување и одржување на ерекцијата доволно да обезбеди задоволувачка сексуална активност. ЕД може да биде минимална, умерена и комплетна.
Според патофизиолошкото потекло, ЕД може да биде васкулогена, неурогена, анатомска (болести и аномалии на пенис), хормонална, јатрогена и психогена. Како посебни причинители се наведуваат: старост, хронична бубрежна слабост, diabetes mellitus.
Васкулогена ЕД може да се случи од две причини:
- поради намален артериски доток на крв во пенисот
- поради зголемен венски одлив од пенисот
Психогена ЕД може да биде примарна и секундарна. Причините за примарната ЕД лежат во минатото на пациентот (сексуална злоупотреба, понизок социјалниот статус, образование)
Секундарната психогена ЕД се јавува од страв, депресија и проблеми во врска со партнерот.
Неурогена ЕД може да се јави поради пореметување на централните и периферни контролни механизми. Така постои супраспинална, спинална и периферна неурогена ЕД.
Анатомска ЕД се јавува како последица на многу болести и состојби меѓу кои важно место заземаат следниве: микропенис, хипоспадија, еписпадија,конгенитални курватури на пенисот, induratio penis plastica, фрактура на пенис и др.
Хормонална ЕД најчесто се јавува поради хипогонадизам, хиперпролактинемија, хипер или хипотиреоидизам.
Јатрогена ЕД се создава поради: хируршки интервенции, медикаменти, радиотерапија на карлични органи
Дијагноза
Дијагностичката постапка за ЕД содржи основни и специјални испитувања.
Основните испитувања вклучуваат анамнеза, физикален преглед (уролошки, неуролошки, ендокринолошки, васкуларен), лабараториски испитувања (посебно глукоза, липиден профил, хормонален статус, ПСА ), пополнување посебни прашалници за медицинско, социјално и сексуално согледување.
Специјалните испитувања се однесуваат на фармаколошки тестови (тест со интракавернозни инјекции PgE1), Колор Допплер (CDI) крвни садови на пенисот, артериографија и инфузна кавернозометрија и кавернозографија, специјални психијатриски, ендокринолошки, уролошки и неуролошки испитувања.
Лекување
Постојат следниве опции за лекување на ЕД:
- орална фармакотерапија (лекови)
- топична фармакотерапија
- интрауретрална фармакотерапија
- вакум пумпи
- интракавернозни инјекции
- комбинирана терапија
- пенилни протези