Ишијас: третман и превенција

Акутната болна фаза на ишијас бара итна терапија поради сериозноста на болката, што во многу случаи е неподнослива.
Најефективната мерка е инфилтрација на паравертебралните мускули во близина на болните точки со аналгетици и кортикостероиди. По инфилтрација, лумбалниот регион треба да се загрева со топол термофор. Корисна е и употреба на мускулни релаксанти со седативно дејство. Често се даваат инјекции со витамин Б1, Б6 и Б12.
Во акутната фаза, најкорисно е да се постави пациентот во лежечка положба со натколениците во вертикална и потколениците во хоризонтална положба – позиција на Вилијамс.

Откако болката ќе се смири, се применува физикална терапија со цел зајакнување на паравертебралните мускули. Пациентот треба да се советува:
- да спие на рамен кревет
- самиот да спроведува соодветни вежби
- да избегнува кревање товар при исправување
- да не прави нагли движења
Ако има нарушување на функцијата сфинктерот и потенцијата, значителна мускулна слабост и атрофија, знаци на компресија на ‘рбетниот мозок или долготрајна болка, потребна е хируршка интервенција.
Колку трае ишијасот?
Болката што произлегува од ишијас може да биде акутна или хронична.
Епизодата на акутна болка може да трае една до две недели и обично потоа целосно се повлекува. Епизоди на акутна болка може да се повторат подоцна.
Акутната болка може да се претвори во хронична болка, а при тоа болката е доста честа и тоа е синдром кој може да трае цел живот. Сепак, хроничната болка е обично поблага од акутната.
Лекарите што ви требаат при лекување и дијагностицирање:
- физијатар
- ортопед
- невролог
- неврохирург
- ревматолог
Превенција
Иако не е секогаш можно да се спречи болка во лумбосакралниот дел, постојат ефективни начини да го заштитите грбот и да ги намалите проблемите со болка или рекурентните епизоди на ишијас:
- Редовно вежбајте. Кога вежбате, бидете внимателни, најдобро е да се консултирате со физиотерапевт или лекар за тоа кои вежби се добри за вас и како нема да се повредите. Вежби кои се важни за добро држење на телото се оние кои ги зајакнуваат мускулите на стомакот и долниот дел на грбот.
- Обрнете внимание на држењето на телото додека седите. Седнете исправено, со колковите и колената во иста линија. Можете да ставите помала перница помеѓу потпирачот за грб и долниот дел на грбот за да ја одржите природната крива на ‘рбетниот столб
- Одржувајте добра координација на телото. Кога кревате нешто, држете го грбот исправен, а товарот што го носите поблиску до вашето тело, избегнувајте истовремено кревање и вртење на ‘рбетот.