Што е синдром на нервозно дебело црево и кога да побарате помош од лекар
Синдромот на нервозно дебело црево е една од најнепријатните стомачни тегоби, но и најчесто гастроинтестинално заболување во клиничката пракса. Ова нарушување влијае на квалитетот на секојдневниот живот.
Симптоми: болки што траат долго време, нелагодности во стомакот, грчеви, чувствувате подуеност, гасови, промени како опстипација или дијареа.
Облици на синдром на нервозно дебело црево:
- Кај првиот облик кој почесто се појавува кај жените, а е наречен спастичен колон во клиничката слика, доминира болката во пределот на стомакот и опстипација.
- Кај вториот облик карактеристичен симптом е дијареата, која може да e повремена или честа. Оваа состојба е почеста кај мажите.
- Кај третиот облик наизменично се јавуваат дијареа и опстипација, со појава на слуз во изметот. Кога се јавува болка карактеристично е тоа што таа се засилува за по јадењето, а се намалува по празнење на цревата, но не значително. Празнењето на цревата е поретко од 3 пати неделно, а честопати знае да биде отежнато, непотполно и болно. Честопати овие пациенти имаат и хемороиди. Но, без разлика на симптомите, општата состојба кај овие пациенти е добра.
Кога да побарате лекарска помош?
Доколку почувствувате некакви промени кои асоцираат на симптомите на синдромот на нервозно дебело црево, најдобро е да се консултирате со доктор бидејќи одредени симптоми може да укажуваат и на посериозна болести, како карцином на дебело црево.
Симптоми кои укажуваат на посериозна состојба се:
- ректално крвавење
- абдоминална болка која се зголемува во текот на ноќта
- нагло губење телесна тежина
Како се одвива прегледот кај лекар?
Прегледот почнува со разговор со гастроентерохепатолог. Потоа следува физикален преглед, детална лабораториска анализа, ехо на стомакот, испитување на фецесот и ректосигмоидоскопија. Кај пациентите над 40 години кај кои има крвавење во столицата се препорачува колоноскопија.
Лекување
Лекувањето трае подолго и обично е насочено кон намалување на тегобите односно кон воспоставување на нормално функционирање на дебелото црево:
- Намалување на болката и грчевите во стомакот
- Регулирање на столицата
- Подобрување на исхраната (чести и не обилни оброци, храна со растителни влакна, да се намали храната што предизвикува создавање на гасови, избегнување на зачинета и топла храна, откажување од пушење и употреба на алкохол, употреба на билни чаеви и сл.)