д-р Марија Јованоска: Настинка, грип и нивни разлики- Настинка
Настинка – Постојат 200 различни вируси на настинка кои кај луѓето може да го инфицираат горниот респираторен тракт. Најчесто засегнати се носот или грлото.
Вирусот на настинка се пренесува по аеро-капков пат, а влезна врата се устата, носот и очите. Симптомите ќе се јават 2-3 дена по инфекцијата. Замор и малаксаност може да бидат првите симптоми, потоа следи надразливост и воспаление на слузниците на грлото и носот што резултира со затнат нос, ринореа, болно грло, кивање, кашлица, покачена температура, главоболка и тн.
Според Светската здравствена организација реален, конкретeн лек за обичната настинка не постои. Често се прави грешка кога на своја рака или при било каква ситуација се зема антибиотик за настинка.
Антибиотиците се лекови против различни бактерии, а против вирусите и настинките антибиотиците се сосема неефикасни.
Всушност, употребата на антибиотици ги убива пријателските бактерии кои на нашиот организам му се потреби за правилно функционирање и на тој начин го доведува во прашање интегритетот на имунолошкиот систем што во услови на вирусна инфекција не е пожелно.
Постојат повеќе препарати за настинка, повеќето содржат парацетамол како и други супстанци со различни симптоматски ефекти.
Од особена важност е да се напомене дека треба да се биде внимателен со нивното користење и нивна комбинација со други препарати.
Затоа во услови на настинка се препорачува преглед кај матичен лекар кој ке постави правилна дијагноза и ќе даде правилна терапија, совет и насоки за правилно лекување.
Совет: Не земајте антибиотици на своја рака, конзумирајте многу течности (вода, супи, природни сокови), витамин Ц, одмарајте и зајакнете го имунитетот.
д-р Марија Јованоска
ПЗУ ОМНИС