Фитнес

Утринскиот тренинг на празен стомак доведува до поголемо топење на масните наслаги

Истражувањата покажуваат дека повеќето физички активни луѓе вежбаат после работа, a само неколкумина се оние кои решаваат да тренираат наутро.

Вообичаено е мислењето дека активноста, без оглед на времето на спроведување, не треба да се одвива на целосно празен стомак. Но, според новите откритија, времето за вежбање, како и времето за јадење може да имаат влијание врз успехот поврзан со слабеење. Појадокот се смета за најважен оброк во денот и секој што ќе одлучи да вежба наутро, се препорачува да има лесен оброк, како на пример една банана пред тренинг за да обезбеди извор на енергија за вложените напори. Но, низа нови истражувања ни укажуваат на нова перспектива поврзана со традиционалната препорака за утрински оброк .

Имено, има сè повеќе докази дека утринскиот тренинг на празен стомак доведува до поголемо топење на масните наслаги, а со тоа и до слабеење, отколку во случај кога тренингот се прави после појадок или попладне.

Во истражување објавено во 2013 година во Британскиот журнал за исхрана на 12 физички активни мажи кои вежбале на трака за трчање 60 минути, резултатите укажале на тоа дека испитаниците после тренинг потрошиле дури 20% повеќе маснотии правејќи го  тренингот на празен стомак, отколку кога го направиле истиот тренинг 2 часа по појадокот. Исто така, постои сознание дека вежбањето на празен стомак може да го намали апетитот или внесувањето храна во текот на остатокот од денот, што дополнително придонесува за слабеење на масните наслаги.

Досега, позитивниот ефект на тренингот пред појадок и влијанието врз потрошувачката на маснотии е пронајден само кај мажите, но најнови истражувања откриваат слична врска и кај жените. 9 испитаници учествуваа во мерењето со индиректна калориметрија во период од 24 часа каде што жените седеле или правеле 60 минутен интензивен тренинг пред појадокот. Вежбата била придружена со зголемување на внесот на енергија за да се осигура дека испитаниците имале сличен енергетски биланс за време на тестот. Повторно, резултатите укажале дека вежбите на гладно ја зголемуваат 24-часовната оксидација на маснотиите.

Реклама - Healthy Store

Позитивниот ефект врз телесната тежина од вежбањето 10-12 часа по последниот оброк или пред појадокот се објаснува со деноноќната природа кога во утринските часови целото тело се „буди“. Исто така, резервите на гликоген се со најмала вредност наутро, поради што мускулите треба да посегнуваат по складираните маснотии како извор на енергија.

Вежбањето на празен стомак не е препорачливо за секого

Да се разбудите порано за да направите утрински тренинг на празен стомак се чини дека е добра стратегија ако вашата цел е да изгубите вишок килограми. Меѓутоа, ако причината за вежбање е да ги подобрите сопствените перформанси како што се зголемување на силата или брзината, вежбањето без претходен оброк веројатно не е најдобрата идеја, бидејќи недостаток на енергија може да ви оневозможи да го дадете својот максимум.


M.Д

Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button