Прва помош: Труење со храна

Како што е познато, без храна и вода животот не може да се замисли. Секако, услов е да одговараат на основните хигиенски услови, бидејќи во спротивно може да преминат во средство за ширење на заразни болести.
Труење со храна опфаќа заболувања кои настануваат заради консумирање на нездрави, расипани или отровни намирници. Но, таквите труења се поретки во споредба со труење со храна која е контаминирана со различни бактерии и нивни токсини(отрови). Овие труења се познати под името алиментарни токсоинфекции и обично настануваат од еден од овие три бактерии: салмонели, стафилококи и клостридиуми. Болестите предизвикани од овие три бактерии се многу слични и се карактеризираат со покачена температура, болки во стомакот, повраќање и дијареа.
1.Алиментарни токсоинфекции со салмонела настануваат од: заразено и недоволно термички обработено месо.
Симптоми : по 12-24 часа од консумација со температура, пролив, повраќање, болка во стомакот.
Најчесто болеста трае 3-4 дена и поминува со правилна и лесна исхрана.
Компликации: губење на големи количини на вода и електролити, дехидратација и животозагрозувачки состојби.
2.Алиментарни токсоинфекции со стафилокок токсин настануваат од: сладолед, колачи со крем, мајонез.
Симптоми: по 3-6 часа од консумација со болки во стомакот, пролив, повраќање и лесно покачена температура.
Болеста поминува за 12-24 часа без последици и компликации.
3.Алиментарни токсоинфекции со Clostridium botulinum настанува од: расипана конзервирана храна.
Симптоми: по 12-36 часа од консумација со главоболка, заматен вид, слабост на мускулите и парализа.
Оваа токсоинфекција е потенцијално смртоносна.
Лекување
Лекувањето на сите горенаведени труења со храна во главно е со диетален режим на исхрана. Целта е со многу течности,чај, солени супи, лесна и богата со сол исхрана да се надоместат изгубените вода и електролити, а само во потешките случаи потребна е инфузија.
СОВЕТИ:
- Не купувајте храна чија амбалажа е оштетена;
- Пред припрема, темелно измијте ги рацете со вода и сапун, како и храната и приборот со кои се служите при подготовка на храната;
- Гответе ја храната доволно долго, за да може добро термички да се обработи;
- Пред употреба добро проверете го рокот на траење на продуктот;
- Еднаш одмрзнато месо никако не смеете повторно да го замрзнувате;
- Остатоците од храна вратете ги во фрижер најдолго два часа по сервирањето и не ги чувајте подолго од еден до два дена;
- И, секако, доколку забележите некои од симптомите, веднаш побарајте лекарска помош за да не дојде до компликации.
АМ