Неколку вистини и заблуди за тироидната жлезда

Неколку вистини и заблуди за тироидната жлезда

Сите ја имаме тироидната жлезда. Таа е орган како и сите други, се наоѓа во средната третина на вратот, под таканареченото Адамово јаболко. Изгледа како пеперутка бидејќи има два лобуса, односно крилца и тело. Личи и на штит од каде и доаѓа нејзиното второ име, штитна жлезда.

Иако проблеми и болести поврзани со тироидната жлезда се сѐ почест проблем на денешницата, луѓето многу малку знаат за неа. Во продолжение прочитајте неколку точни и неточни факти за штитната жлезда.

Точно: Тироидната жлезда произведува хормони кои се од исклучителна важност за организмот Тироидната жлезда ги произведува хормоните Т3 или тријодтиронинот и Т4 или тироксинот. Тие влијаат на целокупниот метаболизам и сите енергетски процеси во телото. За да се создадат хормоните неопходно е во организмот секојдневно да се внесува микроелементот јод преку водата и храната, а кај нас и преку јодираната сол.

Точно: Зголемената тироидна жлезда се нарекува гуша.

Зголемената тироидна жлезда се нарекува претиреоза и може да биде сосема едноставна морфолошка состојба или, пак, да е индикатор и за нарушена функција на тироидната жлезда. Оваа состојба во последните години многу ретко ја среќаваме, а за тоа голема заслуга има јодирањето на солта.

Точно: Заболувањата на тироидната жлезда се јавуваат повеќе кај жените.

Болестите на тироидната жлезда се почести кај женската популација. Се проценува дека односот маж/жена во појавата на болестите е 1:7.

Неточно: Во Македонија сè уште има недостиг на јод, кој може да направи одредени заболувања на тироидната жлезда.

Во Македонија одамна е искоренет проблемот со недостигот на јод, преку имплементација на долгогодишен проект. Впрочем, ние имаме задолжително јодирање на еден прехранбен продукт, во нашиот случај солта, и тоа со 20-30 милиграми на калиум јодат.

Неточно: Контролирањето на тироидната жлезда во текот на бременоста е сосема бесполезно.

За време на бременост од исклучителна важност е да се контролира тироидната жлезда, особено кај пациентки кои имале некаква состојба што барала лекување. Супституцијата со тироидните хормони е особено важна како за развојот на плодот, така и за здравјето на мајката. Исто така, суплементите кои содржат јод во себе треба да се со соодветна доза за овој период од животот на мајката

Неточно: Доколку имаме некаков проблем со тироидната жлезда, суплементите кои содржат јод, или народните „лекарства“ од типот на мед со млади ореви или ракија со млади ореви, ќе го решат истиот. Земањето на суплементи кои содржат јод или народните „лекарства“ само можат да ја влошат состојбата кај пациентот, особено ако се работи за хипертиреоза, или да дадат „лажно“ добра или лоша лабораториска вредност за тироидните хормони.

 

Нарушувањата на тироидната жлезда се многу сериозни и може да бидат животозагрозувачки.
Затоа, никогаш немојте сами да ги толкувате вредностите на тироидните хормони, сами да си препишувате дијагноза и да се лекувате на своја рака.
Доколку забележите било каква анатомска промена на тироидната жлезда или било какви други промени во вашиот организам најдобро е да го консултирате вашиот лекар за да ја добиете точната дигагноза и соодветниот третман на време.


 

Коментари