Туѓо тело во дишните патишта е ургентна медицинска состојба
Туѓo телo во долните воздушни патишта е една од најургентните состојби во медицината бидејќи, за кратко време може да доведе до смртен исход поради задушување.
Причини за настанување
Страните тела може да бидат од ендогено или егзогено потекло.
- Егзогени-доспеваат до долни дишни патишта најчесто преку аспирација, поретко, при повреда, низ граден кош. Може да бидат од органска, неорганска и жива природа.
- Ендогени– претставуваат бронхиолити настанати од лимфни чворови, гној и делови од ткива.
Клиничка слика
Иницијалните симптоми се многу бурни и опфаќаат кашлица, цијаноза, диспнеа(отежнато дишење), ретко сукрвичен секрет. Ако не се отстрани навремено настануваат компликации како кашлица со гнојна експекторација, понатаму акутен медијастинитис и трахео-езофарингеална фистула, па сѐ до гушење и фатален исход.
Дијагноза
Се поставува врз основа на анамнеза(хетероанамнеза), клиничка слика, објективен преглед, рендгенолошки наоди и бронхоскопија.
Лекување
Единствена адекватна терапија е ургентно отстранување на страното тело со ригиден бронхоскоп при општа анестезија. Ретко како третман се користи трахеотомија. Останатите компликации се лекуваат со антибиотици, кислородна поддршка, кортикостероиди и друго.