Многу голем број на заразни болести се пренесуваат преку контакт. Контактот може да биде директен (непосреден) и индиректен (посреден). Сифилис или уште наречен француска болест, е многу опасна полово пренослива болест.
Што е сифилис?
Сифилис е полово пренослива инфекција, предизвикана од бактеријата Treponema pallidum, подвид pallidum.
Примарно се пренесува непосредно, преку полов контакт, а може да се пренесе и од мајка на дете за време на бременост, што резултира со вроден сифилис кај бебето.
Кога и каде се појавил прв пат?
Точното потекло на сифилисот не е познато, но за тоа има две примарни хипотези, едната вели дека сифилисот во Европа го донеле членовите на екипажот на Кристофер Колумбо кои патувале до Америка, а другата вели дека тој постоел и претходно во Европа, но потоа станал препознатлив. Двете хипотези, соодветно, се нарекуваат „колумбиска“ и „претколумбиска“.
Првиот пишан случај датира од 1494/1495 година во Неапол, Италија, за време на француската инвазија. Затоа уште се нарекува и „француска болест“.
Клинички манифестации
Сифилисот може да биде вроден и стекнат.
Вроден сифилис се манифестира со:
-одлупување на епидермисот на шаки, табани, околу устата и анусот
-осеохондритис и перихондритис
-седлест нос и сабјести потколеници, Хачисонови заби (доцен стадиум на вроден сифилис).
Стекнат сифилис има повеќе стадиуми, а секој стадиум има специфични симптоми:
- Примарен стадиум: улцерозна лезија e прв показател на овој стадиум. Се јавува 10-90 дена по инфекцијата, најчесто на половите органи или анусот. Без терапија улцерозната лезија исчезнува за 2-8 недели.
- Секундарен стадиум: се карактеризира со осип кој се појавува од 2 до 8 недели по развојот на инфекцијата. Може да се појават и други симптоми, што значи дека инфекцијата се проширила низ телото. Осипот често се шири по телото и најчесто се појавува на дланките и стапалата. Осипот на кожата обично заздравува без лузни во рок од 2 месеци. Но, иако осипот на кожата зараснал, сифилисот сè уште е присутен и лицето сè уште може да ја пренесе инфекцијата на други.
- Латентен сифилис се однесува на асимптоматска инфекција која следи после период на примарен и секундарен сифилис.
- Ран латентен се однесува на пациент кој е асимптоматски, а е позитивен на тестот и има историја дека бил изложен на ризик или имал симптоми на примарен и секундарен сифилис во последната година. Се лекува со еднократна доза пеницилин.
- Доцен латентен е пациент кој има позитивна серологија, но не ги исполнува критериумите на ран латентен. Се лекува со повеќе дози на пеницилин.
- Терциерен стадиум: Ова е најразорната фаза на сифилис. Доколку не се лекува, терциерната фаза може да започне веќе 1 година по инфекцијата или во кое било време во текот на животот на една личност. Едно лице можеби никогаш нема да ја доживее оваа фаза на болеста. Симптомите на терциерниот (доцен) сифилис зависат од компликациите што се јавуваат. Компликациите од оваа фаза вклучуваат: големи рани на кожата, попречување на работата на срцето и крвните садови, ослабена функција на нервниот систем.
Дијагноза
Испитувањата на крвта се поделени на нетрипонемални и трипонемални.
Нетрипонемалните испитувања се користат на почетокот, а вклучуваат лабораториско испитување за венерична болест (VDRL) и испитувања за брз плазмен имуноглобулин Е (реагин).
Испитувањата за трипонемалните антитела обично се позитивни две до пет недели по првичното инфицирање. Невросифилис се дијагностицира со високи вредности на леукоцитите (главно лимфоцити) и високи нивоа на протеини во цереброспинална течност, кога веќе е познато дека постои инфекција со сифилис.
Директно испитување : микроскопија на темно поле или серумска течност од лезијата може да се користат за веднаш да се утврди дијагноза. Врз примерок од лезијата може да се направат уште две други испитувања: директно флуоресцентно испитување за антитела и испитувања за амплификација на нуклеински киселини
Третман
Најчесто се користи антибиотска терапија. Прв избор е пеницилин, а за пациенти кои се алергични на него, се користи доксициклин.
Превенција
Сè уште нема вакцина што е ефикасна при превенцијата на Сифилис. Спречување на вроден сифилис може да се постигне со редовен скрининг и навремено дијагностицирање и лекување на заболени мајки.
Апстинирањето од интимен физички контакт со инфицирана личност е ефикасно при намалување на преносливоста на сифилис, како и правилната употреба на презервативи. Меѓутоа, ризикот не се отстранува целосно.
Така, Центрите за контрола и превенција на заразни болести препорачуваат долгорочна, заемно моногамна врска со неинфициран партнер и избегнување на супстанци како алкохол и други дроги што го зачестуваат ризичното полово однесување.