
Живееме во време – невреме. Денес, стресот претставува пандемија број еден на нашата цивилизација. Зборот “стрес” е термин што често се употребува во секојдневниот живот, особено во периоди на неповолни социјални, економски, политички животни околности.
Самиот збор кај нас евоцира непријатни емоции и сензации, поврзани со некоја непријатна ситуација. Едно е сигурно, дека во нас постои некој дезеквилибриум, дисхармонија во нашите емоционални состојби и желбени процеси.
Перцепцијата кон околината и луѓето е променета, внатре во нас, нашето здравје, нашата продуктивност и работоспособност е редуцирана, ја немаме потребната животно- мотивациска енергија, животната радост, топлина, милост и љубов, чувствуваме неудобност и мачнина, што многу пати и неможеме да ја објасниме. Добро сме, а не сме добро, нешто ни недостасува…
Што е стрес?
По дефиниција тоа е состојба на зголемена оптовареност на личноста предизвикана од силна дразба (стресор). Поимот стрес во себе ги вклучува стресорот (предизвикувачот на стресот) и двојната реакција на организмот. Под влијание на стресот настанува дизбаланс на организмот и нарушување на психичката и телесната рамнотежа (хомеостазата). При стресот, секој организам минува низ три фази:
- Фаза на аларм – во која доаѓа до мобилизавија на организмот при средба со стресот;
- Отпор – организмот се труди да го совлада стресот давајќи отпор. Но, доколку не успее во тоа, потрошните физиолошки резерви го доведуваат до следната фаза;
- Фаза на исрапеност – во која штетното влијание на срединските дразби ги надвладува одбранбените сили на организмот, тој престанува да се брани и настанува негова привремена немоќ нормално да функционира.
Стресот односно “општиот адаптибилен синдром” се одвива преку хипоталамо-хипофизо-надбубрежната оска. Затоа стресната реакција секогаш е придружена со пораст на концентрацијата на кортизолот во плазмата.
Во истите процеси речиси подеднакво е ангажирана и оската која ги поврзува симпатичкиот автономен систем и кората на надбубрежната жлезда. Тоа се манифестира со зголемена секреција на адреналин и норадреналин, со адекватни реперкусии врз телесните органи, како што се срцевата и респираторната акција, васкуларниот систем ( тахикардија, хипертензија, хипертермија, хипергликемија).
Реакција
Одговорот на стресот зависи од психолошките карактеристики на личноста, когнитивните и емотивните капацитети, како и од биолошката конституција. Вербата во сопствените способности за справување со одредени животни настани влијае врз процената на настанот и обратно, когнитивната процена влијае врз изборот на начините за справување. Соочувњето со стресната ситуација може да биде:
- Соочување насочено кон проблемот – кога индивидуата вклучува механизми со кои се обидува да влијае на ситуацијата.
- Соочување со емоциите – или полесно поднесување на емотивното возбудување предизвикано од стресната ситуација.
При изборот на стратегија за соочување најважни се два фактори:
- Поединецот – карактеристиките на личноста (матурацијата на личноста), верувањата, вредностите, целите, возраста.
- Околината на настанот – барањата, ограничувањата, траењето на случувањата, социјалната поддршка итн.
Последици од стресната ситуација:
- Краткотрајни: непосредни ( или емотивните и физиолошките реакции) се однесуваат само на стресни настани кои траеле кратко и завршиле.
- Долгорочни: последици по менталното и телесното здравје, социјалните односи и професионалната ефикасност, се однесуваат на квалитетот на севкупното општествено функционирање.
Надминување на стрес
Надминувањето на стресот е процес на соочување и справување со барањето од надворешната или од внатрешната (психолошка) средина.
Притоа индивидуата внесува голем напор и енергија за да одговори на поставените барања. За надминување на стресот луѓето користат најразлични стратегии.
Искуството покажало дека најефективно решение за надминување на стресот е користење на мултипли статегии. Нашиот организам е опремен со различни сигнали и знаци кои ни укажуваат дека не водиме доволно сметка за себе и за своето здравје. Сите тие ни јавуваат дека ни треба зголемена грижа, внимание, добар одмор, најразлични вежби, поддршка од пријателите, лекарски прегледи, контрола на здравствената состојба, а можеби и стручна поддршка, па и третман.
Не треба и не смееме да допуштиме да ја изгубиме битката која ја потенцира смислата на нашето постоење, знаејќи дека човечката потрага по неа е примарна мотивација во животот.
Љубовта е едниствената сила која и се спротивставува на ентропијата, на нашето постојано тонење во безредие. За неа, не се ценкаме, ниту преговараме, ниту се договараме, љубовта не е бизнис, ниту треба да биде условена, таа расте единствено преку давање.
Живеењето со благодарност, во мир и со мирен ум, во радост и среќа, со вистинските благодети, е нашата вистинска природа и право стекнато со самото раѓање.
Големо е прашањето како да ги оствариме овие животни благодети. Во ова време кое го означуваме како стресогено секојдневие, силно контаминирано, крајно напнато, исполнето со анксиозност, депресивност и несоници, време на отуѓеност и безчивствителност, поставувајќи си го основносто прашање: како да ја освоиме љубовта која не е емоција, туку суштинска смисла на нашето постоење?
д-р Драгана Костеска
Психолог Јованка Костеска