Гадите се подложни на промени во различен период од животот како на пример, пубертет, бременост, период на доење или старост.
Промените можат да бидат во однос на форма, големина и слично, меѓутоа најзагриживачки и најопасни се промени предизвикани од карцином.
Кои се раните симтоми на карцином на дојка?
- Патолошка промена на формата и бојата на брадавицата
- Болка во градите прететежно по менструален циклус
- Спонтан исцедок од брадавицата (слузав или крвав)
- црвенило
- Чешање,
- Воспаление на кожата
- Грутка или оток околу пазувите.
Упатство за самопреглед на вашите гради во домашни услови
- Застанете пред огледало, рацете ставете ги позади главата и набљудувајте ја формата, бојата, големината на вашите гради, забележете дали имате промени на кожата (како кора од портокал)
- Подигнете ја левата рака позади главата, а со десната правете кружни движења од надворешниот раб, кон внатрешноста се до брадавицата и забележете дали имате топчести или груткасти промени при допир. Повторете ја истата постапка и на другата града.
- Сосема нежно стиснете ја брадавицата и видете дали имате патолошки исцедок, не употребувајте сила, бидејќи така може несакајќи да стимулирате исцедок. Истата постапка повторете ја и на другата града.
- Легнете на грб со едната рака позади глава, а со другата повторно правете кружни движења од надворешноста на градата кон брадавицата, со цел да бидете сигурни дека не сте пропуштиле некаква промена. Истото повторете го и на другата града.
Сепак, за да бидете сигурни дека сте сосема здрави и дека секоја промена што ќе ја забележите е резултат на нормалниот животен процес на растење, созревање или стареење , најдобро е да правите редовни рутински контроли кај вашиот лекар.
Навремено откривање на патолошка промена, рана дијагноза и поставување на соодветен третман е половина лек.