Здравје кај децаЗдравје од А до ШРеспираторен систем

Како да се превенира воспаление на дишните патишта кај децата?

Воспалението на дишните патишта е најчеста причина за посетите на децата од предучилишна возраст во педијатриските ординации. Според годишниот извештај за морбидитет, дури 85% од посетите се однесуваат на болести предизвикани од воспаление на дишните патишта, вклучително и инфекции на ушите.

Превенција и специфичности поврзани со предучилишна возраст

Предучилишната возраст на детето носи специфични ризици од зголемена зачестеност на воспаленија на дишните патишта. На прво место се наоѓа намалена способност за создавање на антитела за одредени групи бактерии, и затоа, со оглед на природната динамика на созревање на подвидовите на IgG антителата, постои намалена отпорност на одредени групи на бактерии.

IgG1 и IgG4 созреваат први, потоа IgG3 (околу 10тата година достигнуваат ниво на возрасна личност), а IgG2 созреваат последни и достигнуваат максимални вредности во 12тата година.

Токму затоа кај изолатите од назофаринксот најчесто се среќаваат пневмококи, Haemophilus influenzae и Branchamella (Moraxella) catarrhalis.

На второ место е поминувањето време во детски колективи каде што децата се во контакт со свои врсници. Во овој случај постои поголема изложеност на потенцијални извори на зараза и причинители на кои се помалку отпорни. Во детските колективи со мешана старосна структура, оваа опасност е помала, па фреквенцијата на инфекции на дишните патишта е помала. Покрај тоа, постарите деца веќе имаат усвоено хигиенски навики и имаат помала веројатност да ја шират инфекцијата преку валкани раце, секрети од носот и устата и употреба на лични предмети (чаши, четки за заби, крпи, марамчиња, постелнина).

Реклама

Зачестеност на респираторни инфекции

Сепак, останува фактот дека децата кои поминуваат време во колективи, во првите три години од престојот значително почесто се разболуваат од респираторни инфекции (во просек 2 пати месечно), за потоа зачестеноста да се намали на нивото на инфекции кај деца кои не поминуваат време во колектив. Превентивните процедури во детските колективи се исклучително важни (избегнување на прегреан и сув воздух, редовно проветрување, престој на свеж воздух, правилна исхрана, физички активности, лична и просторна хигиена, итн.). Хигиенските навики се важен фактор во развојот на заразни болести кај детските колективи.

Пореткото миење на рацете (на детето или негувателот) по бришење на носот, менување пелени, пред хранење или подготовка на оброк, статистички е многу поврзано со зголемената зачестеност на респираторни заболувања.

Кога да се започне антибиотска терапија?

Како акутна причина за доаѓање во ординација, најчести се вирусните респираторни инфекции. Знаци се покачена темпратура, кашлица, серозен исцедок од носот, додека бактериските инфекции на горните дишни патишта се подолготрајни и причина за повеќекратни посети.

Со оглед на зачестеноста на одредени видови и соеви на бактерии (со различен степен на отпорност на антибиотска терапија) и нивното општо присуство кај деца кои посетуваат предучилиши установи, се јавува проблемот со рационална употреба на антибиотици. Сепак, се чини дека преовладува мислењето дека присуството на бактерии во носот или грлото во отсуство на поголеми знаци на болеста не ја оправдува примената на антибиотици. Но, при ваквиот пристап неопходно е да се нагласи потребата од почести контролни прегледи. Тие се важни за навремено да се откријат знаци на ширење на воспалението и да се примени антибиотска терапија во вистинско време. Со ова се стимулира создавањето на сопствен имунитет и се намалува можноста за создавање отпорни соеви на бактерии. Покрај тоа, се избегнуваат и можните несакани последици од антибиотската терапија и се заштедуваат финансиски средства.

Исто така, се спречува ширењето на инфекцијата од носната празнина (најчесто местото на воспаление) преку исцедок кон долните дишни патишта и до средното уво (опструкција на каналот или ширење на инфекцијата преку каналот до средното уво). Едуцирањето на родителите значително придонесува за намалување на честотата на компликации и го забрзува текот на закрепнувањето.

Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button