Здравје од А до ШИмунолошки системИсхранаЛекови и суплементиНевролошки болести

Исхрана за превенција на Алцхајмеровата болест

Продолжувањето на животниот век и зголемувањето на уделот на популацијата на повозрасни лица доведе до зголемување на зачестеноста на Алцхајмеровата болест.

Според СЗО, во светот денес од деменција боледуваат околу 50 милиони луѓе, а секоја година има речиси 10 милиони нови случаи. Алцхајмеровата болест е најчеста форма на деменција и се јавува во 60-70% од случаите. Раната дијагностика и предвидувањето на појавата на Алцхајмеровата болест е во фокусот на интерес на експертите. Истражено е дека со промени во начинот на живот и исхраната, можно е барем делумно да се влијае на превенцијата и прогресијата на болеста.

Суптилните влошувања во когнитивните способности на луѓето со Алцхајмерова болест може  да се појават и до 18 години пред дијагнозата.

MIND – начин на исхрана за превенција на Алцхајмеровата болест

Новиот начин на исхрана, MIND, осмислен од експертите од Универзитетот Раш во Чикаго (Rush University), покажал поволен ефект врз намалување на ризикот од Алцхајмерова болест, дури и кај оние кои не се држеле строго до него. Принципите на овој начин на исхрана, кои се кријат во англискиот акроним MIND (Mediterranean-DASH Intervention for Neurogenerative Delay),  се базираат на медитеранската исхрана и исхраната DASH. Овие начини на исхрана во многу истражувања покажале бројни посакувани здравствени ефекти, како на ризикот од кардиоваскуларни болести, така и на ризикот од Алцхајмерова деменција.

Реклама

Составот на прехранбените препораки DASH (Dietary Approaches to Stop Hypertension) се базира на низок внес на заситени масти и натриум, а воедно претставува исхрана богата со овошје, зеленчук и нискомаслени млечни производи. Во неколку клинички испитувања, DASH-начинот на исхрана се покажал како ефективен во намалувањето на покачениот крвен притисок.

Медитеранскиот начин на исхрана е типичен за медитеранскиот предел, а се базира на конзумирање зеленчук, овошје, житарки, мешунки, јаткасто овошје и семки, риба и маслиново масло, а умерено комзумирање месо и млечни производи.

MIND-исхраната се состои од 15 компоненти – десет групи на храна „здрава за мозокот“, чие конзумирање се поттикнува, и пет групи храна чие конзумирање треба да се ограничи. Зелен листест зеленчук, останат зеленчук, јаткасти плодови, бобикни, мешунки, целозрнести житарки, риба, месо од живина, маслиново масло и вино се препорачуваат во MIND-исхраната, а се избегнуваат црвено месо, путер и маргарин со транс-масни киселини, масни сирења, благо и пецива, како и брза храна, односно пржена храна.

Ладно цеденото маслиново масло како составен дел на исхраната за превенција на Алцхајмеровата болест, во раните истражувања се покажало како намирница со поволно делување, па затоа треба да биде основен извор на масти. Имено, се покажало дека природната состојка на ладно цеденото маслиново масло – олеокантал, има способност за промена на невротоксичните протеини за кои се верува дека имаат клучна улога во настанувањето на Алцхајмеровата болест. Во отсуство на олеоканталот, тие протеини се врзуваат на синапсите во мозокот, што ја попречува нормалната функција на нервните клетки. Резултатот е губење на помнењето, умирање на клетките и нарушена работа на мозокот. Научниците исто така утврдиле дека олеоканталот, попречувајќи го врзувањето на невротоксичните протеини за синапсите, ги прави таквите протеини погодни мети за антителата.

Корисни додатоци во исхраната

Рибино масло и антиоксиданси

Научните истражувања покажуваат дека лицата во многу раните фази на Алцхајмерова болест би можеле да имаат корист од земање додатоци во исхраната со рибино масло и антиоксиданси. Истражувањата покажуваат дека клетките на имунолошкиот систем на испитаниците со благи когнитивни оштетувања, по земањето на додатоци во исхраната, се поуспешни во „чистењето“ на мозокот од β-амилоиди – пептиди чие собирање во мозокот се смета за клучно во развојот на Алцхајмеровата болест. За жал, овие позитивни ефекти не се забележани кај пациенти со веќе напредната болест. Сепак, се чини дека додатоците со рибино масло и антиоксиданси можат да помогнат во претклиничката фаза на оваа прогресивна болест.

Витамин Б12, витамин Б6 и фолна киселина

Дополнителна корист во превенција на болеста може да има и примената на витамините Б12, Б6 и фолната киселина, кои заеднички делуваат на намалување на зголемените нивоа на хомоцистеин. Овие витамини делуваат како кофактори во метилацијата на хомоцистеинот, а бројни студии покажуваат дека зголемените вредности на хомоцистеинот се поврзани со зголемен ризик од конгитивно оштетување.

Витамин Д

Понатаму, според истражувањето на американските научници објавено во списанието JAMA Neurology, ниското ниво на витаминот Д кај повозрасните лица е поврзано со побрзо когнитивно пропаѓање, особено во делот од мозокот кој е одговорен за памтењето, чие ослабнување на фукнцијата е поврзано со Алцхајмеровата болест и деменцијата.

Резултатите покажале дека намалувањето на когнитивните функции кај испитаниците со дефицит на витамин Д било 2-3 пати побрзо отколку кај испитаниците со соодветен оптимален нормален статус на овој витамин (75-125nmol/L). Со други зборови, когнитивната функција на поединците со дефицит на витамин Д во само две години се смалила онолку колку што се смалила во текот на пет години кај испитаниците со нормален статус на витамин Д.

Иако не може со сигурност да се тврди дека земањето на додаток на витамин Д би можело да го забави когнитивното пропаѓање кај повозрасни лица, експертите се сложуваат дека ова и некои други истражувања зборуваат во корист на употребата на додаток на витамин Д во 60-тите години од животот.

Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button