Гастроинтестинален системЗдравје од А до ШИсхрана

Антивоспалителните својства на пребиотиците во борба против обезноста

Пребиотиците се состојки во исхраната кои го поттикнуваат растот и активноста на добрите бактерии – пробиотици во дигестивната флора, а со тоа и нормалната работа на цревата и дигестијата. Инулинот претставува диетално влакно од групата на фруктоолигосахариди, еден вид јаглехидрати кој се состои од кратки ланци на фруктоза, кои организмот не може да ги вари. Инулинот е пребиотик, односно храна за пробиотиците во дигестивниот систем, како бактериите Lactobacillus и Bifidobacterium. Тие се клучни фактори во намалувањето на воспаленија, дигестијата, како и борбата против патогените бактерии.

Податоците објавени во списанието European Journal of Nutrition покажуваат дека внесувањето на 16 грама природен инулин дневно резултира со зголемување на количината на бактерии од родот Bifidobacterium. Ова е очекувано, но сепак, за научниците било особено интересно намалувањето на нивото на калпротектин во изметот по внесувањето на инулин. Фекалниот калпротектин е, всушност, маркер на цревно воспаление. Според резултатите од рандомизираната контролирана студија, тримесечното конзумирање на инулин од цикорија довело до значително намалување на нивото на калпротектин кај обезните лица.

Истражувачите анализирале податоци од обезни пациенти поделени во две групи. Испитаниците во едната група земале 16 грама инулин дневно, а во другата 16 грама плацебо на ден. На сите пациенти им биле дадени насоки за исхраната и им било наложено да го ограничат внесот на калории. Ова резултирало со помал внес на енергија и протеини во обете групи.

Авторите на студијата забележале зголемување на бројот на бактерии од родот Bifidobacterium во групата што зема инулин, што ги поддржува податоците од претходно спроведеното поголемо кохортно истражување.

Важно е да се напомене дека научниците објавиле намалување на нивото на фекален калпротектин за 50% по тримесечен внес на инулин. Намалувањето на нивото на фекален калпротектин, кое е забележано по земањето на пребиотикот, го потенцира потенцијалното позитивно дејство на пребиотиците во борбата против воспалителните нарушувања на цревата, кои се јавуваат заедно со обезноста. Забележаниот ефект може да биде поврзан со промените во бројот на бактерии од родот Erysipelotrichaceae, заклучуваат експертите.

Реклама
Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button