Кое е најдоброто време од денот за вежбање со цел топење на вишокот масти?
Истражувањата покажуваат дека повеќето физички активни луѓе вежбаат после работа, a само неколкумина се оние кои решаваат да тренираат наутро.
Вообичаено е мислењето дека активноста, без оглед на времето кога ја правиме, не треба да се одвива на целосно празен стомак.
Но, според новите откритија, времето на вежбање, како и времето на јадење може да имаат влијание врз успехот поврзан со слабеење.
Новости во научниот свет
Појадокот се смета за најважен оброк во денот. Секој што ќе одлучи да вежба наутро, се препорачува да има лесен оброк, како на пример една банана пред тренинг за да обезбеди извор на енергија за вложените напори.
Но, низа нови истражувања ни укажуваат на нова перспектива поврзана со традиционалната препорака за утрински оброк .
Имено, има сè повеќе докази дека утринскиот тренинг на празен стомак доведува до поголемо топење на масните наслаги. Со тоа и до слабеење.
Истражување
Истражување во 2013, објавено во Британскиот журнал за исхрана, донело интересни заклучоци. Имено 12 физички активни мажи вежбале на трака за трчање 60 минути. Некои трчале со празен стомак, а некои 2 часа по оброк. Резултатите укажале на тоа дека после тренинг оние што трчале на гладно потрошиле дури 20% повеќе маснотии.
Исто така, постои сознание дека вежбањето на празен стомак може да го намали апетитот или внесувањето храна во текот на остатокот од денот. Тоа дополнително придонесува за слабеење на масните наслаги.
Досега, позитивниот ефект на тренингот пред појадок и влијанието врз потрошувачката на маснотии беше пронајден само кај мажите. Но, најнови истражувања откриваат слична врска и кај жените.
9 испитанички учествувале во истажување каде што правеле 60 минутен интензивен тренинг пред појадокот. Повторно, резултатите укажале дека вежбите на гладно ја зголемуваат 24-часовната оксидација на маснотиите.
Заклучок
Позитивниот ефект врз телесната тежина од вежбањето 10-12 часа по последниот оброк или пред појадокот се објаснува со деноноќната природа кога во утринските часови целото тело се „буди“.
Исто така, резервите на гликоген се со најмала вредност наутро. Поради тоа мускулите треба да посегнуваат по складираните маснотии како извор на енергија.
Вежбањето на празен стомак не е препорачливо за секого
Да се разбудите порано за да направите утрински тренинг на празен стомак се чини дека е добра стратегија ако вашата цел е да изгубите вишок килограми.
Меѓутоа, ако причината за вежбање е да ги подобрите сопствените перформанси како што се зголемување на силата или брзината, вежбањето без претходен оброк веројатно не е најдобрата идеја. Недостаток на енергија може да ви оневозможи да го дадете својот максимум.