д-р Биљана Петковска Огњанова: „Матичните лекари немаат официјален протокол за работа во време на пандемија, секој го прави тоа како најдобро умее“

д-р Биљана Петковска Огњанова: „Матичните лекари немаат официјален протокол за работа во време на пандемија, секој го прави тоа како најдобро умее“

Состојбата со COVID-19 е во континуиран ек, а паниката и прашањата што и како понатаму не стивнуваат. Д-р Биљана Петковска Огњанова, матичен лекар, директно од првите борбени линии ни одговори на најчестите и нејасни прашања.

Како Вие како матичен лекар се справувате со целата состојба на COVID-19?

„Јас и другите матични лекари уште од почетокот на епидемијата активно бевме вклучени во
сите фази на справување со истата. Будно ги следевме сите препораки на Министерството
за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат , Фондот за здравствено
осигурување, како и сите останати релевантни фактори. Со гордост можам да кажам дека
од самиот почеток успешно се справуваме до ден денес со секој нов предизвик.“

Дали матичните лекари можеби се најизложени на ризик од зараза со вирусот?

„Секако дека матичните лекари се едни од најизложените на ризик од зараза имајќи го во
предвид фактот што тие се првата линија на фронтот. Матичниот лекар е најдостапен за
пациентот во секое време и за секој негов здравствен проблем.

Дали матичните лекари се снабдени и обезбедени со потребната заштитна опрема?

„Да, поголемиот број на матични лекари се сосема доволно снабдени со средства и опрема
за лична заштита, не само за нив лично туку и за нивните вработени, а не ретко доколку
има потреба излегуваат во пресрет па ги снабдуваат и пациентите кои несоодветно
заштитени се јавуваат на преглед. Морам да напоменам дека средствата за лична заштита
секој матичен лекар ги обезбеди со сопствени средства кои на почетокот па и до ден денес
држат цени повисоки за десетина пати поскапи од времето пред епидемијата.“

Постојано се апелира пациентите да го контактираат преку телефон матичниот лекар како би избегнале изложување на ризик. Колку се почитуваат овие препораки?

„Поголемиот дел од пациентите се придржуваат кон препораките и апелите за телефонски
консултации на матичниот лекар, во што секако големо учество активно земаа и матичните
лекари постојано апелирајќи преку социјалните медиуми пред сѐ. Сепак еден мал дел не
ги почитува препораките па знаат и ненајавени и без лична заштита да дојдат на преглед.“

Како изгледа тој телефонски преглед и што понатаму?

„Секое телефонско јавување уредно се внесува во медицинскиот картон на пациентот, се
запишува причината поради која истиот се јавува и доколку има потреба матичниот лекар
закажува термин кога пациентот да се јави на преглед се со цел да се запази протоколот за
заштита на останатите пациенти и медицинскиот персонал.“

Каков е протоколот за преглед на пациенти во амбулантата?

„За жал ние се до денес немаме добиено ни еден официјален документ од релевантните
институции како би требало да изгледа протоколот за работа со пациенти во матична
амбуланта, па поради тоа секој од нас тоа го прави најдобро како што знае и умее.“

Дали секоја матичен лекар треба самостојно да изготви протокол по кој ќе се води илисе држите до еден унифициран протокол?

„Во услови кога имате затајување на институциите и сте оставени на милост и немилост
сами да се снаоѓате, најмалку што може да направите е самите да се организирате, да
направите протокол со кој најпрво ќе се заштита себеси и своите вработени, но не помалку
и своите пациенти. Би било многу полесно кога би имале еден унифициран протокол, но
како што реков и предходно за жал такво нешто сѐ уште немаме добиено.“

Како гледате на целата ситуација, дали пациентите се придржуваат до вашите препораки?

„Нешто што ме радува и ми дава сила во целата оваа ситуација е поддршката и вербата од
страна на нашите пациенти. Се надеваме дека полека и оние малку скептици кои што беа
околу целата ситуација ќе сфатат дека носењето маска, миењето раце и одржување на
дистанца се најбитните фактори во спречување на ширењето на заразата.“

 

 

Категории

Коментари