Ефекти на коронавирус врз кардиоваскуларното здравје

Според досегашните научни откритија поврзани со COVID-19 познати се следните симптоми: покачена телесна температура, сува кашлица, отежнато дишење и новооткриените: треска, повторувачка покачена температура со треска, главоболка,болка во мускулите, болка во грлото и губење на осетот за мирис и вкус.
Проблеми поврзани со кардиоваскуларен систем не се директни симптоми во клиничката слика на коронавирусот, меѓутоа вирусните инфекции предизвикуваат системско воспаление кое може да доведе до акутни и хронични кардиоваскуларни заболувања и да настанат компликации.
Досегашните студии укажуваат на тоа дека околу половина од хоспитализираните пациенти,позитивни на COVID-19, имаат некакви хронични заболувања, најчесто кардиоваскуларни и тоа: акутна срцева слабост, миокардитис и аритмии.
При вирусна инфекција, хроничното кардиоваскуларно заболување може да се дестабилизира поради зголемената метаболна побарувачка на организмот, потребна да се избори со инфекцијата и намалената способност на срцето.
Компликации од вирусот при веќе нарушено кардиоваскуларно здравје:
- Руптура( прекин,кинење) на атеросклеротични плаки на крвни садови
- Тромбоза
- Инфаркт
Овие компликации се од огромен ризик за пациенти кои имаат запушување на крвни садови или било каква друга срцева аномалија и слабост.
Пациентите со акутен коронарен синдром на лекар се јавуваат подоцна од вообичаено, често во фаза на кардиоген шок.
Пациентите со артериска хипертензија(покачен крвен притисок), дијабетес мелитус, дебелина и пушачи се исто така изложени на голем ризик од компликации при зараза со COVID-19.
Науката и лекарите потврдуваат дека кардиоваскуларните компликации се поретки и најчесто се последица на примарни респираторни компликации. Пациентите со претходни хронични кардиоваскуларни заболувања имаат најголема смртност.
Затоа е задолжителна редовната терапија и постојан надзор од лекар.