д-р Марија Јованоска: КАШЛИЦА – КАКО ДА СЕ ПРОЦЕНИ ДАЛИ Е ОПАСНА?

д-р Марија Јованоска: КАШЛИЦА – КАКО ДА СЕ ПРОЦЕНИ ДАЛИ Е ОПАСНА?

Кашлицата (тусис) е најважниот одбранбен механизам на респираторниот систем. Во принцип, секоe кашлање е начин за чистење на респираторниот тракт од насобрани токсини, нечистотија и лиги. Вишокот што останува предизвикува рефлекс на кашлање.
Самата кашлица не е болест, туку симптом што укажува на некој друг проблем. Ова е време од годината кога многу луѓе кашлаат или поткашлуваат.

Според времетраењето кашлицата може да биде:

  • Акутна кашлица – трае помалку од три недели.

Честа причина за ненадејна кашлица е воспаление на респираторниот тракт поради вирусна инфекција, но може да биде и како резултат на бактериска инфекција.

  • Хронична кашлица – трае повеќе од четири до осум недели.

Постојат голем број на причини за овој вид кашлица кои бараат внимателно иследување. Вообичаени причини за хронична кашлица се: хроничен бронхитис (на пример кај пушачи), хронично опструктивно белодробно заболување (ХОББ), пулмонален емфизем, хронично воспаление на синусите, алергии, астма, срцева слабост, гастроезофагеален рефлукс , несакани ефекти на некои лекови (АКЕ инхибитори) и тумори на белите дробови.

Освен според времетраењето, кашлицата може биде:

  • Продуктивна кашлица – се јавува кога дишните патишта произведуваат премногу бронхијална слуз.

Во нејзиниот состав покрај водата (95 до 98%) пред се се застапени гликопротеини и мукопротеини.

Најчести причини за продуктивна кашлица се настинки, воспаление на респираторниот тракт, хроничен бронхитис и хронично опструктивно белодробно заболување.

Бојата на спутумот кај продуктивната кашлица е особено важна; белата слуз означува респираторна иритација (на пример кај астма и други алергиски респираторни заболувања), жолтата или зелената означува инфекција, а црвената означува крварење. Кашлицата со крвав исплувок може да биде симптом на белодробна емболија, туберкулоза, срцеви заболувања, карцином на белите дробови и др. Целта на лекувањето на продуктивна кашлица е густата слуз, да се направи помалку леплива, а со тоа и полесно да се искашла. Лековите што помагаат да се случи тоа, се нарекуваат експекторанси.

  • Непродуктивна кашлица – сува и надразнителна, не се карактеризира со појава на слуз.

Најчеста е во вечерните часови. Честата непродуктивна сува и надразнителна кашлица доведува до исцрпување на пациентот и го нарушува неговиот квалитет на живот. Може да се јави како резултат на земање на некои лекови (АКЕ инхибитори), алергии или мала пулмонална емболија. Се користат лекови за смирување и елиминација на кашлицата, кои делуваат на центарот за кашлица кој се наоѓа во продолжениот мозок. Тие лекови ги нарекуваме антитусици.

Консултација со лекар е неопходна ако кашлицата трае повеќе од една недела, ако е тешка и придружена со болка во градите, ако плунката е зеленикава или крвава и кога има потешкотии при дишењето.

Симптомите и знаците кој ви ги дава вашето тело не треба да ги занемерувате, јавете се кај вашиот матичен лекар за да се направи детален преглед со цел да се постави точна и рана дијагноза.

д-р Марија Јованоска
ПЗУ ОМНИС

Коментари