Здравје кај мажиМалигни болести

Најчестите нуспојави од лекување на карцином на простата

Карцином на простата е малигно заболување на простатата, жлезда кај машкиот репродуктивен систем. Повеќето канцери на простатата се спорорастечки, но во некои случаи можат да растат релативно брзо. Канцер-клетките може да се прошират од простатата во други делови од организмот, особено во коските и лимфните јазли. Иницијално може да нема симптоми. Во подоцните стадиуми, може да доведе до тешкотии во мокрењето, крв во урината или болка во карлицата, грбот или при мокрење. Друг чест симптом во подоцните стадиуми е чувството на замор поради ниското ниво на црвени крвни клетки.

Лекувањето на ракот на простатата вклучува оперативен зафат, придружен со радиотерапија  или  хемотерапија, како и примена на одредени лекови.

Кои се најчестите нуспојави од лекување и третман на карцином на простата?

Покачување на телесна тежина

Кај пациенти на хормонска терапија може да се забележи покачување на телесна тежина и зголемено масно ткиво во предел на половината. Но, физичка активност и правилна исхрана се решение на овој проблем.

Реклама - Healthy Store

Болести на срце и дијабет

Хормонската терапија може да го зголеми ризикот од појава на болести на срцето и дијабет тип 2, а при превенцијата на оваа нуспојава исто така можат да помогнат правилната исхрана и вежбањето.

Намалување на коскена маса

Долготрајно спроведување на хормонска терапија може да влијае негативно на коскената маса и да доведе до остеопороза, состојба во која коските стануваат кревки и кршливи.

Калциум и витамин Д се важни нутритиенти за силни коски. Освен адекватно излагање на сонце, витаминот Д можеме да го осигураме со внес на риба, лосос, скуша, сардела или капки.

Од друга страна, претерано уживање во алкохол и цигари исто така може да го зголемат ризикот за губење на коскена маса т.е. развој на остеопороза.

Дигестивни проблеми

За време на и по лекувањето со радиотерапија може да се појават дигестивни проблеми кои во главно се карактеризираат со пролив (радијациски ентеритис). Иако научните докази не се доволно цврсти, се смета дека краткорочно намалено внесување на растителни влакна може да помогне при оваа состојба. Исто така е многу важна количината на вода која се внесува да ги надокнади изгубените течности.
Исто така, ако по радиотерапијата чувствувате надуеност, треба да избегнувате намирници кои може да ја влошат состојбата, како лук, овошје, мешунки.

Уринарни проблеми

Некои методи на лекување може да предизвикаат проблеми со мокрење. При ваков проблем треба да се внесуваат течности, барем 1,5-2 литри дневно, но треба да се избегнуваат студени и газирани пијалоци, алкохол и пијалоци кои содржат кофеин кои додатно го иритираат мочниот меур.

Обидете се да бидете активни и да ја одржите посакуваната телесна тежина и да превенирате опстипација за да го намалите додатниот притисок врз мускулите на карлличниот под и мочниот меур.

Заклучно, редовни прегледи заради рано дијагностицирање на карцином на простата се ислкучиво важни бидејќи откривање на карцином во рана фаза гарантира многу подобра прогноза на болеста. Кај пациенти со дијагноза на карцином на простата особено е важно да се придржуваат до правилна и урамнотежена исхрана која придонесува намалување на неугодни нуспојави при лекувањето.

 

Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button