Бубрежни болестиСтручна Помош

д-р Марија Јованоска: како да се справиме со камен во бубрег?

Едно од најраспространетите заболувања е камен во бубрег. Тој најчесто се јавува кај луѓе на возраст помеѓу 20 и 55 години. Мажите имаат два пати повеќе проблеми со ова заболување од жените. Камењата во бубрегот се формираат од одредени супстанции (калциум, оксалати, фосфати), кои во урината се застапени со повисоки концентрации од дозволените. Лоша исхрана, прекумерна телесна тежина, генетска предиспозиција, намален внес на течности се едни од факторите за појава на камен во бубрег. Постојат 4 поголеми групи на камења во бубрегот:
  1. Калциумови камења.Оваа група на бубрежни камења е најзастапена. Постојат разни причини за нивна појава како ниско ниво на pH на урината, високи концентрации на калциум и/или оксалати во урината.
  2. Струвитни камења.Овие камења најчесто се јавуваат како резултат на инфекција на уринарниот тракт.
  3. Камења од урична киселина.Се јавуваат поради зголемена концентрација на урична киселина во урината.
  4. Цистински камења.Овој тип е најмалку застапен и се јавува при цистинурија. Станува збор за автозомно рецесивно заболување кое се карактеризира со нерастворливост на цистинот (неутрална аминокиселина) во урината и како резултат на тоа се формираат калкули.

Кои се симптомите?

Симптомите можат да варираат од остра болка до отсуство на болка. Тоа е во зависност од карактеристиките на каменот – големина, облик и место во уринарниот тракт. Ако каменот го блокира нормалниот проток на урината низ мочните канали, се чувствува јака болка која се нарекува бубрежна колика. Тоа е остра болка во половината и во пределот од ребрата до колковите. Ако каменот е во мочниот канал, болката може да биде во слабините или во бедрата. Мажите можат да чувствуваат болка и во тестисите. Болката е во бранови и не се намалува дури ни при промена на положбата на телото. Се опишува како една од најболните состојби, како што се породилните болки. Други симптоми кои може да ги придружуваат бубрежните колики се: мачнина, повраќање, крв во урината (урината е со розова боја), болка при мокрење, зголемена температура.

Лекување?

Лекувањето може да биде конзервативно или хируршко. За да се изведе правилно лекување, потребно е да се утврди хемискиот состав на бубрежниот камен и причините кои влијаеле за негово создавање со анализа на урината, која е собрана за 24 часа. Лекувањето е насочено кон одреден вид на камен. Исхраната има голема улога во зависност од типот на бубрежните камчиња. Таа е дел од соодветниот диетески режим за третирање на камен во бубрег. Кога станува збор за калциумови камења потребно е да се избегнува консумирање на производи кои содржат високо ниво на натриум. Тука спаѓаат: брза храна, конзервирана храна, преработена замрзната храна, месни производи како салама, чајна, сланина и др. Направете редукција и на животински протеини како и избегнување храна богата со оксалати (спанаќ, црн чај, кока-кола, чоколадо, јаткасти плодови, кафе и др.) Струвитните камења се резултат на присутна бубрежна инфекција. Третманот се состои од отстранување на веќе присутните камења во уринарниот систем и лекување на инфекцијата. Засега не е медицински потврдено дека одреден начин на исхрана може да превенира појава на струвитни камења. Доколку станува збор за камења од урична киселина потребна е редукција на внесот на пурини. Тука спаѓаат јајцата, месото, рибата, а особено животинските изнутрици (бубрези, црн дроб, мозок). Кај овие пациенти се советува избегнување на месни производи и внес на протеини од храна како млечни производи, соја, леќа, тофу. Доколку се консумира месо, не треба биде во поголемо количество од 170 грама на ден. И како последен вид се цистински камења и за нивно лекување потребна е специфична терапија која вклучува консумирање на големо количество течности и алкализација на урината. Најважна превентивна мерка за да се избегне формирање на камен во бубрег претставува внесот на поголеми количини течности (над 2,5 л/24 ч).

д-р Марија Јованоска ПЗУ ОМНИС

Show More
бисквити за бебе

Related Articles

Back to top button