Здравје кај жениЗдравје кај мажиЗдравје од А до ШТироидна жлезда

Јодот е есенцијална компонента на хормонот на штитната жлезда

Јодот е елемент кој во мали количини му е потребен на телото за правилна синтеза на хормоните на штитната жлезда. Тој е есенцијален нутритиент бидејќи  нашиот организам не може сам да го произведе, туку треба да го внесуваме со исхраната.

За разлика од повеќето есенцијални нутритиенти, статусот на јодот во нашето тело не е поврзан со социоекономските фактори,  туку со поднебјето во кое живееме. Имено, содржината на јодот во храната од локално потекло зависи од уделот на јодот во почвата, па затоа ниските концентрации на јод во почвата и водата ќе резултираат со растенија и животни со низок удел на јод. Најголемиот дел од јодот на нашата планета се наоѓа во океаните, а содржината на јодот во почвата варира во зависност од регионот. Колку е постара почвата и е поизложена на надворешните фактори, толку е поверојатно дека јодот ќе се исплакне со нејзината ерозија. Луѓето кои зависат од локалните извори на храна која се одгледува на предели сиромашни со јод, мора да се потпрат на намирници кои се дополнително збогатени со јод.

Улогата на јодот во организмот

Јодот е есенцијална компонента на хормоните на штитната жлезда, тријодтиронинот (Т3) и тироксинот (Т4) и затоа е неопходен за нејзиното нормално функционирање. За да се задоволат потребите на телото за хормонот на штитната жлезда, таа го фаќа јодот од крвта и го вградува во голем гликопротеин тироглобулин. Со понатамошни сложени биохемиски реакции настануваат хормоните на штитната жлезда, кои по потреба се пуштаат во циркулацијата. Во целните ткива, како црниот дроб и мозокот, Т4 (најчест циркулирачки хормон на штитната жлезда) може да се претвори во Т3 со помош на ензимите што содржат селен. Т3 е физиолошки активен хормон на штитната жлезда кој може да се врзе со нејзините рецептори во јадрата на клетките и да ја регулира експресијата на генот. На овој начин, хормоните на штитната жлезда регулираат бројни физиолошки процеси, како што се раст, развој, метаболизам и репродуктивна функција.

Во текот на првото тромесечие од бременоста, хормонот на штитната жлезда од мајката преминува преку плацентата за да служи како главен извор на овој есенцијален хормон за плодот пред развивање на сопствена функционална штитна жлезда.

Реклама

Недостаток на јод

Штитната жлезда на здрава возрасна личност концентрира 70-80% од вкупниот удел на јодот во телото и тоа од 15 до 20mg и користи околу 80µg јод дневно за синтеза на хормонот на штитната жлезда. Спротивно на тоа, хроничниот недостиг на јод може да резултира со драматично намалување на содржината на јод во штитната жлезда под 1mg.

Бројните ефекти од недостатокот на јод на растот и развојот се познати како нарушувања предизвикани од недостаток на јод. Недостигот на јод е препознаен како најчеста причина за оштетување на мозокот во светот. Спектарот на нарушувања предизвикани од недостиг на јод вклучува ментална ретардација, хипотиреоза, гушавост и различни степени на други нарушувања на растот и развојот.

Најсериозните последици од недостигот на јод се поврзани со неговото влијание на растот и развојот на доенчиња и деца. Статусот на јодот може да влијае на растот со своето влијание на оската хипоталамус-хипофиза-штитна жлезда. Недостигот на јод во текот на бременоста има значајни последици, од кои најтежок исход се кретенизам и џуџест раст на плодот. Дополнителни неповолни исходи од тежок недостиг на јод во текот на бременоста вклучуваат зголемен ризик од мртвородени деца, спонтан абортус и вродени нарушувања.

Извори на јод во исхраната

Најдобар извор на јод во храната се рибите и морските плодови. Причината е тоа што морските животни можат да го концентрираат јодот од морската вода. Истоа така, одредени видови на морски алги кои се користат во исхраната се многу богати со јод.

Други добри извори на јод во исхраната се јајца, овошје, житарки и живина. Преработаната храна може да придонесе во внесот на јод, доколку во текот на производството се додаваат јодирана сол или адитиви во храната, како калциум јодат и калиум јодид. Со оглед на тоа што содржината на јод во храната може значајно да варира, вредностите треба да се сметаат за приближни.

Препорачаниот дневен внес на јод се менува во зависност од животната фаза и полот на личноста. Исто така, различни се потребите кај жените кои дојат или се бремени (Табела 1).

Табела 1. Препорачан дневен внес на јод

Животна фазаВозрастМажи (µg/ден)Жени (µg/ден)
Доенчиња0-6 месеци110110
Доенчиња7-12 месеци130130
Деца1-3 години9090
Деца4-8 години9090
Деца9-13 години120120
Адолесценти14-18 години150150
Возрасни19 години и постари150150
Бремени жениСите возрасти220
ДоилкиСите возрасти290

Јодот како додаток во исхраната

Иако поради збогатувањето на храната со јод, односно јодирање, се намали потребата за дополнително внесување на јод, постојат случаи каде сепак се препорачува, и тоа како додаток во исхраната.

Калиум јодид е достапен како додаток во исхраната, вообичаено во комбинираните производи, како мултивитаминско-минералните додатоци во исхраната. Јодот е околу 77% од вкупната тежина од калиум јодидот. Мултивитаминско-минерален додаток во исхраната кој содржи 100% од препорачаниот дневен внес на јод обезбедува 150µg јод. Иако поголемиот дел од луѓето конзумира доволно јод во својата исхрана, дополнителни 150µg дневно веројатно нема да резултираат со прекумерно венесување јод.

Американското здружение за штитната жлезда препорачува пренатална суплементација со 150µg јод на ден и не советува внес повисок од 500µg на ден од додатоци во исхраната со било кој облик на јод за време на бременост и доење.

Акутно труење со јод е ретко и вообичаено се јавува само од дози со повеќе грамови. Симптомите од акутното труење со јод вклучуваат горење на устата, грлото и желудникот, температура, мачнина, повраќање, дијареа, слаб пулс, цијаноза и кома.

Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button