Здравје од А до ШКардиоваскуларен систем

Дали истегнувањето е подобро за крвниот притисок од пешачењето?

За сите оние кои мораат да поминуваат повеќе време дома како резултат од пандемијата, веста дека едноставни вежби за истегнување можат да им помогнат во намалување на крвниот притисок може да биде пријатно изненадување.

Интересно истражување од Канада

Кога сте дома, наместо само да седите на каучот, можете да седнете на подот и да се истегнувате додека гледате телевизија.

Истражување направено во Канада, објавено во списанието Journal of Physical Activity and Health, покажува дека правењето вежби за истегнување 30 минути 5 дена неделно довело до поголеми подобрувања на крвниот притисок во текот на два месеци во споредба со одењето на 30 минутна прошетка 5 дена во неделата.

Од друга страна, резултатите покажале дека пешачењето било поврзано со позначајно намалување на обемот на струкот на испитаниците. Земајќи го ова предвид, важно е да се нагласи дека оние кои веќе пешачат со цел намалување на крвниот притисок, треба да продолжат со оваа активност. Сепак, се препорачува да вметнат и истегнување во својата дневна рутина.

Експертите кои го спровеле истражувањето напоменуваат дека и покрај овие резултати, заклучокот не е дека аеробичните активности треба да се запрат. Пешачењето, возењето велосипед, или пак скијањето, имаат позитивен ефект на масните наслаги во телото, нивоата на холестерол и шеќер во крвта.

Реклама - Healthy Store

Истегнувањето може да биде дополнителна опција

Високиот крвен притисок кој не е дијагнозиран или контролиран, може да доведе до кардиоваскуларни болести, хронични бубрежни болести, оштетување на видот и васкуларна деменција.

Вообичаено, лекарите препорачуваат аеробични вежби за намалување на крвниот притисок. Сепак, ова истражување покажува дека и истегнувањето може да има позитивен ефект.

Вежбите за истегнување, вусшност, не претставуваат само истегнување на мускулите. Заедно со нив, се истегнуваат и крвните садови, вклучувајќи ги и артериите. Доколку се намали нивната згрченост, има помал отпор кон протокот на крв, а со тоа и намалување на притисокот.

Истегнувањето има многу предности што го прават поволна опција. Лесно е да се вметне во дневната рутина, не одзема многу време и може да се прави во секакви временски услови. Покрај тоа, не прави никаков притисок на зглобовите, што е важно особено за оние со остеоартрит.

Авторите на истражувањето додаваат дека вежбањето јога или пилатес, кои вклучуваат многу истегнување, исто така го намалува крвниот притисок. Дополнително, јога вежбите понекогаш содржат и контрола на дишењето и медитација, што сами по себе го намалуваат крвниот притисок.

Детали од истражувањето

За да се споредат ефектите од истегнувањето и пешачењето врз крвниот притисок, експертите одбрале 40 мажи и жени и по случаен избор им доделиле или вежби за истегнување или пешачење. Учесниците ги прaвеле доделените вежби 5 дена во неделата во текот на 8 недели. Сите испитаници имале или висок-нормален притисок (130/85 – 139/89mm Hg) или прв стадиум на хипертензија (140/90 – 159/99mm Hg). Просечната возраст во групата испитаници што правеле вежби за истегнување била 61,9 години, а во групата испитаници што пешачеле била 61,2 години.

Програмата за истегнување содржела 21 вежба, а учесниците ја изведувале секоја вежба двапати, задржувајќи ја 30 секунди, со 15 секунди одмор помеѓу истегнувањата.

Од оние кои биле во групата за пешачење, истражувачите побарале да го следат својот пулс и да го забрзаат одењето доколку падне под 50-65% од максималниот број на отчукувања на срцето за нивната возраст.

На почетокот и на крајот на 8 неделните вежби, истражувачите, преку три различни методи, го измериле крвниот притисок кај секој од испитаниците. На секој учесник крвниот притисок му бил измерен вкупно 12 пати. Заклучокот бил дека во споредба со брзо одење, истегнувањето било поврзано со поголеми намалувања на крвниот притисок во 5 од 12те мерења. Останатите 7 мерења не покажале разлика помеѓу пешачењето и истегнувањето.

Експертите заклучиле дека истегнувањето им дава дополнителна можност на луѓето кои мораат да го намалат крвниот притисок и може да биде додадено во рутините што вклучуваат аеробични вежби за да овозможи позначително намалување.

Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button