Ум и Тело

Интервју со Маја Крстевска Коларова: Литературата има огромна моќ врз нашите сетила

Која е Маја Крстевска Коларова или Маја Рамона ?

Маја Рамона професор по македонски јазик и македоснка книжевност. Живеам и работам во Штип. Моето име го поврзуваат со повеќе уметности како: фотографија, пишување поезија, пеење, но моја професионална определба е токму литературата. Имам работено на јазична обработка на неколку романи, учебници и збирки поезија и се уштѐ активно го правам тоа.

 

Твои објавени дела?

Досега имам објавено две збирки поезија „Увертира“ и „Небо со боја на боровница“, а на пат е и третата.

Реклама biskviti za deca

 

Што или кој е твоја најголема инспирација?

Најголема инспирација ми се емоциите. Тие се насекаде околу нас, во секое парче од денот, но моментот кога доживувам нешто – тоа е она што емоцијата ја прави силна и моќна за да се претвори во стих. Понекогаш дури и од најлошите емоции се раѓаат стихови, а самото тоа не ги прави емоциите лоши. Зар не?

 

Во кој дел од денот си најинспирирана и најпродуктивна?

Мојот омилен дел од денот е ноќта. Тогаш кога стивнува сиот град, кога го слушаш дишењето на сонот, тогаш е мојот момент за пишување. Сама со својата меланхолија, радост, тага, среќа, разочарување… Инспирацијата доаѓа сама, нема потреба да ја барам. За тоа се грижи животот. Само треба да умеете и да бидете доволно храбри да ја преточите во мисла. Доволно е.

 

Омилен автор?

Имам многу омилени автори, но мојот најомилен автор се моите ученици. Во нивните песни, писмени, состави, ја откривам најчистата емоција, искреноста на душата и длабочината на мислата.

 

На која книга секогаш и се навраќаш и зошто?

Би излажала ако кажам дека имам една омилена книга, но книга на која секогаш се навраќам е „Малиот принц“ – Антоан де Сент – Егзипери. Таму постојано ќе најдете нова порака, нова длабочина.Постојат моменти кога една иста книга ја доживуваме различно. Тоа е така затоа што ние сме се промениле, а не книгата. Нашите доживувања се поинакви од претходните затоа што врз нас влијаеле возраста, расположенијата, моменталната состојба, самиот живот. Ако ние сме тажни, тажна ќе биде и поезијата што ја читаме или пишуваме. Ако сме кршливи, многу нешта повеќе ќе допрат до скршената душа кои ќе ја докршат или ќе ја излечат. Литературата има огромна моќ врз нашите сетила, емоции. Постојано создава нови светови, нови чувства кои ги откриваме одново и одново.

 

Како читањето на книга влијае на твоето расположение?

Додека читам, плачам, се смеам, сочувствувам, се внесувам, доживувам, сонувам…

 

Која книга ти помогна да се пронајдеш себеси?

Се пронаѓам во многу книги, но книга во која најмногу се пронајдов и секогаш се пронаоѓам е мојата ненапишана книга. Онаа која понира во мене, која ја бара површината и светлината на денот.

Никогаш нема да престанам да пишувам, а уште помалку да читам затоа што без литературата, јас би била празна школка без својот океан.

 

Со цел да ви помогнеме да го исполните вашето време, да се инспирирате и прочитате добра книга, но и да си добиете награда, организиравме giveaway.

Како да учествувате? Кликнете тука .

 

 

Show More
бисквити за бебе

Related Articles

Back to top button