Како да останете физички активни за време на COVID-19

Како да останете физички активни за време на COVID-19

Во доба на пандемија од коронавирус, за да се заштитиме себеси, најблиските како и целата заедница, многу е важно да се придржуваме до мерките и препораките за превенција. Една од наједноставните мерки е да останеме дома и да излегуваме само кога е неопходно.

Како да останеме физички активни дома и да ги избегнеме ризиците од прекумерно седење и лежење?

Ризици од „седечки“ начин на живот

Продолжениот период на изолација може да доведе до момент кадешто најголем дел од времето го поминуваме во седечка или лежачка положба и тоа не само поради одмор, туку и при други активности како играње игри, гледање ТВ или користење на мобилни уреди. Секојдневието драстично ни се менува, сѐ помалку се движиме, а тоа предизвикува намалена дневна потрошувачка на енергија. Последователно, карантинот и горенаведениот начин на живот можат да го зголемат ризикот од хронични незаразни болести како и влошување на состојбата на веќе дијагностицираните пациенти. Понатаму, се зголемува ризикот од губење на мускулна маса и сила, а постои и можност за губење на имунолошка способност на организмот.

Вежбање дома

Изведување на различни и едноставни вежби дома е повќе од прикладно за одржување на задоволувачко ниво на кондиција. Такви облици на вежби вклучуваат вежби за јачина, за рамнотежа, вежби за истегнување или комбинација од истите. Ако немате соодветна опрема може да се послужите со предмети од вашиот дом, на пример подигнување и носење на намирници (шишиња со течност и сл.), качување по скали, станување и седнување на столче, како и јога и стомачни или склекови за кои не ви е потребна дополнителна опрема.

Вежби со помош на технологијата

Ако ви недостасува идеја, мотивација и знаење како правилно да изведете одредени вежби, можете да се повикате на технологијата.
Денес, нам ни се достапни разновидни содржини кои се фокусираат на поттикнување физичка активност преку интернет, мобилни апликации и телевизија, а можат да бидат од голема корист. Станува збор за приказ на вежбање во форма на слики и видеа, мотивациони видеа, дневни и неделни „предизвици“, а токму овие алатки можат да придонесат за одржување на физичката функција и менталното здравје во овој критичен период.

Како заклучок, обидете се да го извлечете најдоброто од новата ситуација. Ако досега не сте имале време за дневна физичка активност, во ваква вонредна состојба сигурно ќе можете да го одвоите поголемиот дел од денот за себе. Ова ќе ги направи овие монотони денови по-привлечни, вашето расположение ќе се подобри и вашето тело ќе биде неизмерно благо-дарно.

Коментари