Кардиоваскуларен системСтручна Помош

д-р Марија Јованоска: фактори на ризик и превенција на срцеви болести

Кардиоваскуларни заболувања се болести на срцето и крвните садови. Тие претставуваат сериозен проблем на модерното време. Важно е веднаш да се нагласи дека со едукација и промена на животните навики, секоја личност може да го подобри и зачува своето здравје.

Најчеста причина за кардиоваскуларни болести е атеросклерозата која се карактеризира со таложење на маснотиите на ѕидот на крвните садови. Последиците од атеросклерозата се сериозни, како миокардниот инфаркт и мозочниот удар.

Атеросклеротичниот процес може да влијае и на крвните садови на екстремитетите, главно на нозете, при што настанува периферно артериско заболување кое се одликува со грчеви во мускулите, промени на кожата и рани кои може да се лекуваат или не.

Кога е зафатена нашата најголема артерија во телото, аортата, можат да се појават т.н. аневризми кои се склони кон руптура (раскинување) и крварење, заради слабоста на нивните sидови. Ваквото крварење е опасно по живот.

Постојат голем број фактори на ризик кои ја зголемуваат веројатноста за развој на кардиоваскуларни заболувања. Бидејќи кардиоваскуларните заболувања носат висока стапка на смртност, многу е важно да ги знаеме кои се тие и дали може да влијаеме на нив.

Реклама biskviti za deca

Фактори на ризик врз кои не можеме да влијаеме се полот, возраста и генетската предиспозиција, но сепак има значително поголем број на фактори на ризик што можеме да ги минимизираме со нашите секојдневни активности и со тоа да го спречиме развојот на болеста. Постојат пет главни ризици на кои можеме да дејствуваме: дебелина, маснотии во крвта, висок крвен притисок, висок шеќер во крвта и пушење. Па, како да ги подобриме?

Зголемете ја физичката активност

Секојдневното вежбање може да го намали ризикот од болести на срцето. Физичката активност помага да ја намалите прекумерната телесна тежина. Тоа пак поволно ќе влијае на покачениот крвен притисок, покаченото ниво на холестерол и склоност кон шеќерна болест. Со секојдневна физичка активност се намалува и стресот. Се препорачува секојдневна умерена физичка активност во траење од 30 до 60 минути.

Престанете со пушењето

Пушењето ги оштетува sидовите на крвните садови, го зголемува таложењето на масните наслаги. Никотинот го забрзува отчукувањата на срцето и ги зголемува вредностите на крвниот притисок. Се смета дека пушењето го зголемува ризикот од мозочен удар, корорнарна срцева болест и импотенција за 100%.

Јадете здраво

Кардиопротективната диета треба да се состои од урамнотежена диета во која е важно да се намали вкупниот внес на маснотии (помалку од 30% од вкупните калории), како и внесот на заситени масни киселини, кои се наоѓаат во месото и некои млечни производи и транс масни киселини, кои ги има во преработена храна, како што се бисквити, колачи и брза храна. Диетата препорачува храна сиромашна со маснотии и сол, а богата со овошје, зеленчук, риба, житарки и обезмастени млечни производи.

Намалување на телесната тежина

Дебелината е еден од најголемите здравствени проблеми во денешно време, а се повеќе се забележува дури и во предучилишна возраст. Денес, 17,6 милиони деца во светот се дебели. Дебелината ги зголемува вредностите на крвниот притисок и го зголемува ризикот од атеросклероза и дијабетес. Дури и мало намалување на телесната тежина може да биде корисно.

Редовни превентивни прегледи кај вашиот матичен лекар

Покачениот крвен притисок и покачениот холестерол може да го оштетат срцето и крвните садови. Затоа,  правете редовни контроли на крвниот притисок, нивното на холестеролот и шеќер во крвта. Во одредени услови каде постои изразена фамилијарна историја за појава на срцеви заболувања следењето на холестеролот треба да се спроведе кај сите членови во семејството. Шеќерната болест е силен фактор на ризик за развој на болести на срцето. Токму затоа сите кои имаат склоност кон развој на шеќерна болест или веќе се заболени треба редовно да ја следат состојбата на шеќерот во крвта.

д-р Марија Јованоска
ПЗУ ОМНИС

Show More
бисквити за бебе

Related Articles

Back to top button