Дијареа претставува состојба која се карактеризира со зголемена волумен и фрекфенција(повеќе од два пати на ден) на столицата. Може да биде акутна и хронична. Акутната дијареја најчесто трае неколку дена и е пропратена освен со течна столица и со болки и гасови во стомакот.
Хроничната дијареја трае подолг период и може да е знак за некое сериозно заболување.
Најчести причини за појава на дијареа:
Инфекции на гастроинтестинален тракт-бактериски(Салмонела, Кампилобактер, Ешерихија коли, вирусни (Цитомегаловирус, вирусен хепатитис, ротавирус), инфекции од паразити (Giardia lamblia и cryptosporidium ), количина на вода во колонот, нарушена перисталтика и секреторна активност на црева, присуство на супстанции кои не се апсорбираат преку цревата,интолеранција кон одреден тип на храна и труења со храна, антибиотици кои ја пореметуваат цревната флора, стрес и нервоза, алкохол и.т.н.
Постојат повеќе видови на дијареа во зависност од причините кои ја предизвикуваат:
- осмотска дијареа,
- секреторна дијареа,
- инфламаторна дијареа,
- дијареа после оперативен зафат на илеум или делови од колон,
- моторичка дијареа,
- дијареа поради нарушена апсорпција на цревата.
Симптоми на дијареа
Дијареата може да варира од блага до многу тешка.
Благи симптоми се грчеви и надуеност, придружени со многу мека до течна столица, неколку празнења на цревата во текот на денот.
Потешки симптоми претставуваат мачнина и повраќање кои се појавуваат покрај дијареата, а самата дијареа е изразито течна и трае неколку дена.
Кај тешките и опасни дијареи, покрај останатите симптоми, се појавува и грозница,покачена телесна температура и во самата столица може да се најде слуз, крв и необработена храна.
Клинички манифестации на дијареа :
- губиток на електролити и вода (дехидратација),
- малапсорпција или стеатореа,
- чувство на жед,
- хипотензија и шок,
- хиперосмоларна хипогликемиска ацидоза(губење на калиум,бикарбонати).
Кога треба да му се обратите на вашиот лекар:
Иако вообичаено не е сериозен здравствен проблем, дијареата може да стане опасна или да сигнализира на сериозно заболување. Лекарска помош е неопходна доколку имате:
- знаци на дехидратација,
- дијареа повеќе од 2 дена, ако сте возрасен,
- за деца, ако трае повеќе од 24 часа,
- тешка болка во стомакот или ректумот (за возрасни),
- температура 38 степени или повисока,
- столица која содржи крв или гној,
- столици кои се црни.