Анемија или слабокрвност претставува намалување на вредностите на хемоглобинот со или без намалување на вредностите на еритроцитите (црвените крвни зрнца).
Недостигот на хемоглобин и недоволен број на еритроцити резултира со намалено снабдување на клетките со кислород и манифестирање на клиничките знаци на анемија.
Што може да доведе до анемија?
Нарушено создавање на еритроцити во коскената срцевина-еритропоеза, хемолиза – зголемен распад на еритроцити поради вродени и стекнати заболувања, како и губиток на крв при акутни и хронични крвавења се трите фактори кои се можна причина за појава на анемија.
Симптоми кои се јавуваат кај анемичните деца
Анемијата многу често е придружен симптом на други, најчесто хронични заболувања. Најчестите симптоми на анемија се:
- Недостиг на енергија, изнемоштеност или недостиг на концентрација;
- Намален имунитет и склоност кон инфекции;
- Заостанување во растот и развојот;
- Главоболка и вртоглавица;
- Забрзана работа на срцето (тахикардија);
- Отежнато дишење;
- Бледило на кожата и видливите слузници;
- Жолтило на кожата и белките на очите;
- Зголемени црн дроб и слезинка;
- Нерегуларни менструални циклуси или изостанување и одложување на менструален циклус.
Како се дијагностицира анемија?
Анемијата вообичаено се дијагностицира преку крвната слика која покажува намалени вредности на хемоглобин и намален или нормален број на црвени крвни зрнца. Се прават и останати дополнителни анализи и дијагностички процедури за одредување на видот на анемијата.
Третман
Третманот на анемијата во детската возраст е различен во зависност од видот на дијагностицираната анемија и може да се состои од:
- Терапија со суплементи, витамини и промена на начинот на исхрана при нутритивна анемија;
- Третман на основното заболување кое довело до анемија;
- Вадење на слезинката (во случај на хемолитична анемија);
- Трансфузија на еритроцити ако е неопходно;
- Трансплантација на коскена срцевина (во случај на нефункционирање на коскената срцевина);
За да не дојде до појава на анемија и последователни животозагрозувачки компликации, најдобра превенција се здрава и балансирана исхрана и редовни рутински прегледи на крвна слика и секако при било каков симптом потребна е консултација со лекар.