Воспалението на мочниот меур или цистит, претставува доста честа појава која што е поизразена кај женската популација.
Први симптоми: зачестено мокрење, болка и нелагодност во долниот дел на стомакот, печење при мокрење, како и појава на крв во урината.
Често се случува , ова воспаление нема никакви симптоми и најчесто се открива при рутински преглед на урината.
Голем број на бактерии се вбројуваат како предизвикувачи на ова воспаление, а најчести од нив се:
- Е.colli, која спаѓа во групата на најтврдокорни, воедно и најчести бактерии при уринарна инфекција
- Габите на кандида, исто така можат да се размножат при пад на имунитетот или конзумирање на храна збогатена со многу шеќери
- Staphylococcus saprophyticus
- Proteus mirabilis и уште многу други.
Дијагноза
Се поставува врз основа на клиничката слика и испитување на урината односно уринокултура. Симптоматологијата кај ова воспаление може да се движи од асимптоматски, односно без симптоми, како и со изразена симптоматологија. При испитување на урина, присуството на покачени бели крвни клетки, леукоцити, претставува индикатор за постоење на инфекција. За да утврдиме за кој тип на бактерија станува збор и да најдеме антибиотик на кој таа бактерија е осетлива се прави уринокултура и антибиограм.
Третман и терапија
Се заосноваат врз клиничката слика и резултатите од испитувањата. Во терапијата се вклучува антибиотик од широк спектар, препорачан од доктор.
Се препорачува внес на голем број на течности или продукти кои содржат многу витамини (витамин Ц), за полесно исфрлање и „победување“ на бактериите кои веќе се накалемиле на уринарниот тракт, на пример конзумација на брусница, свежа или сирова, чај од брусница, кои не им дозволуваат на бактериите да останат долго во уринарниот систем.
Користењето на чиста долна облека изработена од памучен материјал како и редовната хигиена, одржување на сувост на гениталиите може да биде дополнителна заштита од прилепување и размножување на микроорганизмите.
д-р Ѓ. Вановски