Локомоторен систем

Не ја занемарувајте болката во вратот

Треба да се знае дека вратниот сегмент на ‘рбетот е најдинамичниот сегмент од ‘рбетниот столб. Тука се изведуваат движења во сите правци: свиткување, истегнување, ротација, движење напред-назад, странични движења и најчесто комбинација од сите овие движења. Во нормални услови, вратот ги извршува овие функции без проблем, но неправилното држење на вратот, долготрајна неприродна позиција на вратот, на пример при работа на компјутер, гледање телевизија или „листање” на мобилниот телефон, во комбинација со други фактори, како што е слабост на вратната мускулатура претрпени минорни повреди на вратот, стареење, вродени аномалии итн., доведуваат до постепено дегенерирање на динамичните точки на вратниот ‘рбет.

Пред сè, страдаат вратните дискуси – мекоеластичните „амортизери” кои се наоѓаат меѓу прешленските тела. Морфолошки, овие промени можат да бидат во вид на дископатија – губење на еластичноста и формата на дискусите до изместување на содржината на дискусот кон нервните елементи што се нарекува дискус хернија или пролапс на дискусот. Во понатамошниот тек на заболувањето страдаат малите зглобови што ги поврзуваат прешлените меѓусебе за на крај да се појават промени на самите прешленски тела во вид на остеофити или „шилци” што го стеснуваат ‘рбетниот канал или отворите низ кои излегуваат нервните корени.

 

ВКОЧАНЕТОСТ И БОЛКА ВО ВРАТОТ

Најнапред се јавуваат вкочанетост и болки во вратот, особено наутро по спиење. Во текот на денот овие потешкотии се повлекуваат за да се повторат следното утро или по неколку дена. Ова е првиот аларм кој ни укажува дека нешто грешиме со употреба на вратот. Потешкотиите, знаат да траат со месеци или со години и да бидат дополнувани со нови симптоми: трнење на прстите од едната или двете раце, намалена чувствителност на прстите, болки кои од вратот се спуштаат кон едното или двете рамена па продолжуваат по раката, намалена сила на дланката или брзо заморување на раката.

Реклама - Healthy Store

ВРТОГЛАВИЦА

Честопати овие пациенти се жалат на вртоглавица. Ова ни укажува дека процесот што се случува во ‘рбетникот веќе врши компресија на нервните корени и предизвикува невролошки симптоми. Во понатамошниот тек, овие симптоми се потенцираат, се појавува атрофија на мускулите на дланката, подлактницата или надлактницата, моторната сила на рацете е значително намалена, се појавуваат потешкотии при одењето. Доколку во ова фаза болеста се занемарува може да доведе до тешки, непоправливи повреди на ‘рбетниот мозок.

Каква терапија се препорачува?

Терапијата зависи од клиничката слика, тежината и екстензитетот на морфолошките промени на ‘рбетникот. Може да биде конзервативна и оперативна.

Конзервативната терапија е пред сè отстранување на причините на овие промени и истовремено приложување на физикална терапија и вежби.

Кај оние пациенти кај кои веќе се манифестираат невролошки симптоми, треба да се размислува за оперативно лекување.

 


 

Прикажи повеќе

Поврзани статии

Back to top button