Алтернативите за влошки и тампони за кои треба да знаете

Алтернативите за влошки и тампони за кои треба да знаете

Кога се зборува за заштита во деновите со менструација, веднаш помислуваме на влошки или тампони – опции на кои жените се потпираат со децении. Но, постојат неколку покреативни алтернативи што треба да ги разгледате ако барате други начини за да се справите со овој дел од месецот. Попрактични, поздрави за женското тело и поеколошки производи, а многу од нив се иновации кои ги произведуваат компании раководени од жени.

 

1.Долна облека за циклус

Ако ви е смачено од честите посети на тоалетот за менување на влошката, како и дамките на долната облека, време е за промена. Може да се обидете со непропустливи гаќички кои ја апсорбираат менструацијата – функционираат како долна облека со вградена влошка. Има различни дизајни, почнувајќи од спортски гаќички до секси долна облека, а постојат дури и хеланки што можете да ги носите без влошки или долна облека. Сите овие производи се перат, што значи дека тие не само што се попрактични за жените, туку се и подобри за околината.

2.Чашки за менструација

Дали знаевте дека првата чашка за менструација е патентирана во 1937 година од актерката Леона Чалмерс? Менструалната чашка се употребува слично како тампон и во последниве децении добива сѐ поголема популарност меѓу жените токму заради тоа што е совршена замена за тампоните. Менструалната чашка ја собира течноста за време од 8 до 12 часа, што значи дека може да ја носите многу подолго, а нема потреба да ја вадите при вршење на нужда. Чашките се прават од нежен медицински силикон и лесни се за користење и одржување. Најважно од сѐ – побезбедни се за телото бидејќи не ја апсорбираат течноста, па се избегнуваат непријатните мириси и инфекциите. Една чашка трае и до 10 години, па користејќи чашка истовремено заштедувате и ја заштитувате животната средина.

Менструална чашка

 

3.Менструални дискови

Менструалните дискови се слични на менструалните чашки, бидејќи и тие се вметнуваат и ја собираат менструалната теченост, но, постојат некои клучни разлики. Како што кажува самото име, тие имаат форма на дискови. Она што ги издвојува од чашките е всушност нивната поставеност. Додека менструалната чашка се мести во вагиналниот канал, како и тампонот, менструалните дискови всушност се местат на цервиксот – грлото на матката, коешто е подлабоко во вагиналниот канал. Ова е важна разлика, бидејќи ваквата поставеност значи дека дисковите можат да се носат безбедно за време на сексот, со оглед на тоа што го блокираат протокот на крв, но не и вагиналниот канал (за разлика од менструалните чашки). Како и тампоните, менструалните дискови се за еднократна употребa, но собираат многу повеќе течност и може да се носат и до 12 часа.

Менструален диск

4.Повеќекратни влошки

Дваесет милијарди тампони и влошки за еднократна употреба завршуваат на депониите секоја година. Имајќи го ова предвид, производите со повеќекратна употреба се идеално еколошко решение доколку размислуваме за одржливост на подолг рок. Влошките направени од природни апсорбирачки ткаенини (како памукот) за повеќекратна употреба се користат слично како еднократните влошки со крилца – се прицврстуваат на долната облека и може да се носат до 6 часа. По употреба, се перат во машината за перење и подготвени се за повторно користење. Некои памучни влошки може да се користат и до 5 години.

5.Морски сунѓер

Помислата да ставите сунѓер како заштита при циклус е, во најмала рака, необична. Сунѓерите нѐ асоцираат на чистење и миење садови, но во овој случај се работи за природни морски сунѓери. Морските сунѓери како производи кои се користат за апсорбирање на менструалната течност доаѓаат од природата, што значи дека немаат хемикалии, избелувачи, парфеми, бои или синтетички материјали. Може да се користат и до 6 месеци, а бидејќи растат природно, варираат во бојата, големината, формата и текстурата. Ако сунѓерот ви се чини преголем, може да го обликувате со ножички за да си го направите по ваша мерка.

Морски сунѓер

6.Стерилна газа

Ви се случило ли да бидете изненадени и неподготвени за циклусот, па посегнувате по куп тоалетна хартија за да направите импровизирана влошка? Ова е добро кога нема ништо друго во близина, но ако сте дома, а едноставно немате влошка, наместо хартија, земете стерилна газа. Освен што е стерилна, газата апсорбира повеќе од обична ткаенина – буквално е направена за да апсорбира крв. Ова, секако, не е долгорочно решение за справување со менструацијата, но може да биде привремено решение во итни ситуации.


Мирјана Димитриевска

Коментари